Јанис Варуфакис

Деескалација на европската политика на огорченост

Германски телевизиски водител неодамна објави монтирано видео од мене, пред да бидам министер за финансии на Грција, како и го покажувам средниот прст на неговата држава. Реакцијата го покажа потенцијалниот импакт што би го имал наводниот гест, посебно во проблематичниве времиња. Збрката предизвикана од емитувањето не би се случила пред финансиската криза во 2008-ма, која ги покажа пропустите во европската монетарна унија и ги сврте гордите држави една против друга.

Кога, на почетокот од 2010-та, грчката влада повеќе не можеше да ги отплаќа своите долгови кон француските, германските и грчките банки, јас се борев против барањето нови енормни позајмици од европските даночни обврзници за отплаќање на овие долгови. Дадов три причини.

Прво новите позајмици не претставуваа спасување на Грција колку што беа циничен транфсер на загубите на банките врз рамениците на најранливите граѓани на Грција. Колку од европските даночни обврзници, кои дадоа пари за овие позајмици, знаат дека над 90% од 240-те милијарди евра што ги позајми Грција завршија во финансиски институции, а не во грчката држава или нејзиниот народ.

Второ, беше очигледно дека Грција не може да ги отплати постојните позајмици, дека условите за штедење под кои беше дозволено "спасувањето" ќе ги уништат номиналните приходи на Грција, правејќи го националниот долг уште помалку одржлив. Кога Грците повеќе не можеа да ги исплаќаат ратите за својот растечки долг, германските и другите европски даночни обврзници мораа повторно да се покажат. (Богатите Грци, секако, веќе ги имаа префрлено своите заштеди во финансиските центри како Франкфурт или Лондон.)

Последно, наведувањето на луѓето и парламентите на погрешен заклучок претставувајќи спасување на банка како акт на "солидардност" додека во исто време никако не им помагаш на обичните Грци - напротив, ги местиш да наметнат уште поголем товар врз Германците - е осудено да ја поткопа кохезијата во Еврозоната. Германците се свртеа против Грците; Грците се свртеа против Германците; и како што се повеќе држави почнаа да се соочуваат со финансиски проблеми Европа се сврте против себе.

Факт е дека Грција нема право да позајмува од германските - или кој било европски - даночни обврзници во време кога нејзиниот јавен долг не може да се одржи. Пред Грција да земе какви било позајмици, таа треба да стартува преструктуирање на долгот и делумно да престане да го исплаќа својот долг кон кредиторите од приватниот сектор. Меѓутоа овој "радикален" аргумент во тоа време беше на големо игнориран.

Слично, европските граѓани требаше да бараат нивните Влади да одбијат дури и да помислат приватните загуби да им ги префрлат на нив. Тие не успеаа да го направат тоа, и по кратко време се оствари префрлањето.

Резултатот на ова е најголемиот кредит од даночни обврзници во историјата, кој на Грција и беше даден под услов да воведе така строго штедење што нејзините граѓани губат една четвртина од своите приходи, заради што стана невозможно да се исплатат приватните или јавните долгови. Последователната - и постојна - хуманитарна криза беше трагична.

Пет години откако започна првото спасување, Грција останува во криза. Анимозитетот меѓу Европјаните е на највисоко ниво, а Грците и Германците, се спуштија на ниво на вперување прсти и отворено непријателство.

Оваа отровна игра на обвиненија им користи само на непријателите на Европа. Таа мора да престане. Само тогаш Грција - со поддршка на нејзините европски партнери, кои го споделуваат нејзиниот интерес за економско заздравување - може да се фокусира на имплементирање на ефикасни реформи и политики за зголемување на растот. Ова е клучно за Грција, конечно да биде во позиција да ги исплати своите долгови и да ги исполни обврските кон своите граѓани.

Во практична смисла, договорот на Еврогрупата од 20-ти февруари, кој обезбеди 4-месечно одложување на враќањето долгови, нуди важна шанса за прогрес. Како што грчките лидери истакнаа на неформалниот состанок неделава во Брисел ова треба да биде веднаш имплементирано.

Долгорочно европските лидери мора да работат заедно за да ја редизајнираат монетарната унија така што таа ќе го поддржува заедничкиот напредок, наместо да ја поттикнува меѓусебната омраза. Ова е мачна задача. Меѓутоа, со силно чувство за цел, заеднички пристап, и можеби еден или два позитивни гестови, може да биде остварено.

Извор

27 март 2015 - 15:54