Никогаш не мораше вака да биде. Во времето кога Ципрас и левичарската Сириза дојдоа на власт во јануари, веќе стана возможен нов компромис ориентиран кон раст. Дури и најзакоравените германски поборници за штедењето - и секако канцеларката Ангела Меркел - почнаа да ја разгледуваат својата позиција, признавајќи ги неспорно спротивните последици што нивните политики ги имаа врз еврото и стабилноста на Европската Унија.
Владата на Ципрас, со малку правдање, можеше да се претстави себе си како најдобар партнер на Европа за имплементирање на далекосежни програми за реформирање и модернизирање на Грција. Мерките за компензирање на најсиромашните наидоа на симпатии во престолнините на ЕУ, и позитивното чувство ќе се засилеше доколку Грција почнеше да го крати надуениот буџет за одбрана (како што би можело да се очекува од левичарска влада).
Меѓутоа Ципрас ја упропасти оваа шанса за Грција, бидејќи тој и останатите лидери на Сириза не дофрлаа подалеку од почетоците на партијата во радикалниот опозициски активизам. Тие не ја разбраа - и не сакаа да ја разберат - разликата меѓу водење кампања и владеење. Реалната политика, по нивното гледиште, е предавство.
Секако, токму прифаќањето на неопходното е она што ја обележува разликата меѓу владата и опозицијата. Опозициска партија може да ги искаже своите аспирации, да дава ветувања, па дури и малку да сонува; меѓутоа владејачката партија не може да остане во некој имагинарен свет или теоретски систем. И колку се пофантастични ветувањата на опозицијата, толку е поголем предизвикот да се намали јазот со реалноста доколку, како Сириза, тие победат на избори и дојдат на власт.
Ципрас изгледа заборави дека марксистичката традиција го истакнува на дијалектичкото единство на теоријата и праксата. Ако сакаш да преговараш за промена со твоите кредитори, малку е веројатно дека ќе успееш ако го уништиш сопствениот кредибилитет и се гневиш и се расправаш за оние чии пари ти требаат за да избегнеш банкрот. Тоа барем е лекција што најголемиот дел од нас ја научиле од теорија и од пракса (исто така позната и како живот).
Меѓутоа неспособноста на Сириза да го избегне радикалниот балон не објаснува зошто оформија коалиција со радикално десничарските Независни Грци, кога можеше да владее со некоја од про-Европските партии од центарот. Се надевам дека немаат заеднички политички приоритети, посебно во менувањето на стратешки алијанси, кои би биле подеднакво лошо за Грција и за Европа. Меѓутоа два чекора што ги направи Ципрас кратко по доаѓањето на власт го зголемија мојот скептицизам: неговото флертување со претседателот Владимир Путин, и неговиот обид да ја изолира Германија во рамките на Еврозоната, што никогаш не му успеа.
Во рамките на ЕМУ, воспоставен е консензус дека мора да се стори се што е возможно за да се задржи Грција. Меѓутоа грчката влада треба да сфати дека другите членови на Еврозоната нема да се толку подготвени да излезат во пресрет на нивните барања ако тоа значи делегитимизирање на сопствените болни реформи. Уште поважно, како што отчукува времето до банкротот (кој може да се случи уште во јули), грчките власти треба да ги убедат своите партнери преку дела, а не ветувања.
Неуредно излегување на Грција од еврото - моментално најголемата опасност - може да биде избегнато само ако двете страни работат по претпоставката дека во идните преговори не се работи за тоа кој ќе победи а кој ќе изгуби. Ова нема да биде лесно: сите страни се соочуваат со значителен домашен притисок, и секаков компромис ќе значи дека секоја страна ќе треба дома да објаснува нешто. Меѓутоа дури и да немаше тројка и да немаше монетарна унија, на Грција итно ќе и требаа далекосежни реформи за да се врати на здрави нозе. Она што исто така и треба се време и пари, кои ЕУ треба да ги обезбеди ако, и кога, грчките власти ќе се соочат со реалноста.
Меѓутоа другите во Европа треба да се откажат од своите илузии. Грчката криза не може да биде искористена за слабеење на европските конзервативци и за промена на балансот на силите во рамките на ЕУ, или за отстранување на грчката левица од власта.
Сегашните кризи и преговорите за нивно решавање се за само една работа: иднината на Грција во рамките на Европа и иднината на заедничкиот европски проект. Да и се помогне на Грција да се врати на своите нозе и да се задржи во Еврозоната е во интерес на Европа, и политички и економски. Меѓутоа каков било договор за тоа како ова ќе се постигне сега има бара Грција да докаже дека ја споделува истата цел.