Во период од неколку часа вечерта на 25 септември, таа гледаше како власта и бега од раце. Германскиот печат веќе почна да ја опишува како беспомошна. Следниот ден насловот во Билд, најпродаваниот весник во Германија, кажа сè што требаше да се каже: „Дали може Меркел се уште да биде канцеларка?“
Пратениците на Меркел не ја предизвикаа канцеларката директно. Германската политика не е толку брутална. Туку, тие го искористија годишниот избор за лидер на парламентарната група на партијата, гласање кое обично е само формалност, за да се побунат.
Иако теоретски се избира од обичните парламентарци (без дополнителни функции) позицијата традиционално е подарок за актуелниот канцелар, чиј кандидат се прифаќа без противење. Меѓутоа ова беше првата година од 1973 во која предизвикувач се осмели да му конкурира на кандидатот на Меркел.
На гласањето, Волкер Кудер, десната рака на Меркел кој лојално и служи цели 13 години, беше отфрлен од нејзините пратеници во корист на предизвикувачот, Ралф Бринкхаус. Ова беше предизвик без преседан на авторитетот на Меркел, и јасна порака од партијата.
„Секогаш сте ми го чувале грбот“ им порача Меркел на пратениците пред гласањето - само за на крај да и’ заријат нож во грб. Еден висок парламентарец од нејзиниот коалиционен партнер ова го опиша како „бунт против Меркел“.
Бунтот не дојде од ведро небо. Меркел ја одведе партијата до тешки загуби на минатогодишните избори а потоа се измачуваше да формира влада, која на крај беше составен по најдолгите преговори во поствоената германска историја.
На почетокот од 2018 нејзината моќ изгледаше како да е вратена на стари позиции кога таа унапреди нова генерација во својот кабинет а ја постави Анегрет Крамп-Каренбауер за генерален секретар на партијата. Но потоа таа мина цело лето со удари откако владата се влечеше од една криза во друга, наизглед парализирана од внатрешни судири.
На почетокот од летото таа се најде себе си заглавена во борба за моќ околу мигрантската политика со Хорст Зехофер, министерот на внатрешни работи и лидер на нејзината сестринска партија од Баварија, Христијанско-социјалната унија.
Сихофер се закани дека ќе си поднесе оставка и дека ќе ја повлече својата партија од коалицијата освен ако не биде по негово, што би ја лишило Меркел од парламентарно мнозинство. Таа го доби директниот судир но по цена на голема штета за нејзиниот некогаш непробоен авторитет. Решавачкиот момент беше кога дел од нејзините пратеници застана против неа и од страна на Сихофер - истите пратеници кои сега и зададоа значителен удар.
Меркел веројатно се надеваше дека ги стави проблемите зад себе кога парламентот продолжи со работа по летните одмори. Наместо тоа таа се најде сред нов бран на крајно-десничарски протести во Кемниц. Кога Ханс-Георг Масен, шефот на домашното разузнавање, јавно и се спротивстави на Меркел околу немирите, на нејзините главни коалициони партнери, Социјал-демократите, им прекипе и побараа негова оставка.
Меѓутоа Сихофер, како да е фокусиран на меѓусебно уништување, повторно реши да се спротивстави. Меркел, некогаш најмоќната жена на светот, сега не можеше да отпушти непослушен шеф на разузнавање. Компромисот Масен да се префрли на повисока позиција во министерството за внатрешни работи предизвика гнев од јавноста, и Меркел мораше срамно да ја промени својата одлука за 180 степени. Нејзината некогашна одлучност како да ја напушти, а нејзиниот авторитет почна да бледее.
Малку е веројатно дека крајот на Меркел ќе биде брз. Таа мора да се кандидира за ре-избор како лидер на ЦДУ на партиската конвенција во декември, но засега нема очигледен предизвикувач. А партијата ќе се двоуми со сила да предизвика судир од страв тоа да не доведе до нови избори: нема гаранција дека сегашните коалициони партнери на Меркел ќе се согласат да служат под нов канцелар. Сегашните анкети покажуваат дека избори во моментов би биле катастрофални за ЦДУ. Националистичката Алтернатива за Германија би добила најмногу, веројатност која меинстрим партиите ќе се трудат да ја избегнат.
Но веќе се слушаат повици за Меркел во декември да почне да го отвара патот за нејзин наследник. „Очекувам канцеларката да ни каже како сака да ја извршиме транзицијата кон нов кандидат за канцелар во 2020,“ изјави високиот пратеник на ЦДУ, Армин Шустер.
Следниот предизвик за Меркел ќе бидат клучните регионални избори во Баварија и Хесен во октомври. ЦДУ нема добри изгледи во Баварија, и таа ќе се надева дека предвидените загуби на ЦСУ во сојузната држава ќе ја ослабат позицијата на нејзиниот архи-ривал Сихофер, што веројатно ќе доведе до негова смена од претседателското место во партијата. Меѓутоа загубите ќе доведат и до обновен притисок врз Меркел од нејзината сестринска партија од Баварија.
Таа исто така се соочува со веројатноста од пораз на нејзината партија во Хесен од АФД. Ова може да ги засили повиците во партијата за напуштање на нејзиниот центристички пристап и враќање на поконзервативната линија.
Ако загубите во Баварија и Хесен се доволно големи, или ако нејзиниот авторитет продолжи да бледее, Меркел би можела да ги изненади сите и да избере грациозно да се повлече со тоа што нема да се кандидира на партиските избори во декември. Ако тоа се случи, главни конкуренти за нејзин наследник се Јенс Шпан, министерот за здравство и миленик на десното крило на партијата, и Крамп-Каренбауер, генералниот секретар на партијата, која повеќе наликува на Меркел.
Меѓутоа најголемиот дел од аналитичарите очекуваат Меркел да продолжи да се бори, како што нејзиниот ментор Хелмут Кол го правеше тоа на залезот од кариерата.
На европска сцена проблемите на Меркел е поверојатно да го забрзаат предавањето на власта кое веќе започна. Некогаш неоспорена „Кралица на Европа“, влијанието на Меркел е во опаѓање заради проблемите дома. Макрон веќе почна да ја заменува како водечки глас на Европа, и тој е нејзиниот очигледен наследник.
Во времето кога Доналд Трамп го доби мандатот за претседател, Барак Обама долета во Берлин за своето последно појавување со Меркел, потег кој се сметаше за симболично предавање на палката. Меѓутоа токму Макрон, а не Меркел, е европскиот лидер кој изгледа најподготвен да му се спротивстави на Трамп на светска сцена.
Макрон се фрустрира од одбивањето на Меркел да ја прифати неговата визија за иднината на Европската Унија, и малку е веројатно дека таа ќе му понуди повеќе поддршка во тоа додека се бори за своето политички преживување. Тој - или неговиот наследник - и понатаму ќе треба да се справат со кој и да е што ќе ја замени Меркел како лидер на најголемата економија во Европа.
Меѓутоа додека Меркел гаси пожари по дома, патот за Макрон е отворен да ја наследи како водечка политичка фигура на Европа.