“Бауч кружи над Европа - баучот на комунизмот. Сите сили на старата Европа се здружија во света хајка против тој бауч, римскиот папа и рускиот цар, Метерних и Гизо, француските радикали и германските полицајци.“ Бидејќи комунистичкиот бауч одамна е симнат од сцената, овој почеток на „Комунистичкиот манифест“ денес иронично би можел да биде прилагоден на духот на времето и според последната мода во политички контекст, вака некако:
Бауч кружи над Европа - баучот на десницата (тврди, радикални, екстремни и сл.). Сите сили на старата Европа се здружија во света хајка против тој бауч - новинари, професори, мислители, политичари. Иако римскиот папа молчи а Метерних, Гизо и рускиот цар се оправдано отсутни, за среќа, полицајците се тука. Тоа е нова полиција, полиција на умот, која контролира медиуми, глобални социјални мрежи и дигитален простор, одредува што е вистина и кој е (не)подобен да се огласува во јавниот простор.
Глобалната сцена изобилува со текстови и анализи во кои се изразува страшна загриженост и страв заради „нормализацијата“ на десницата, осуда на политичките процеси со кои десницата станува сè поприфатлива за сè погоелм број гласачи. Популистичката десница (како што ја нарекуваат) е во подем во Италија, Шведска, Франција, додека во Унгарија е веќе одамна власт. На другата страна на големото море, „трампизмот“ ја нарушува политичката хармонија и, ох, каков ужас, ја загрозува демократијата. Уште погрда е ситуацијата во оние незападни држави кои тврдоглаво одбиваат да бидат усреќени со либералните вредности кои, како што веќе дознаа и птиците на гранките, се универзални.
Либералниот, демократскиот, просветениот, прогресивниот, толерантниот - накратко пофиниот свет - е згрозен од тоа што се случува во политичката арена. Десниот популизам расипува и младо и старо играјќи на карта на евтини, приземни емоции и конзервативни предрасуди чие време е одамна поминато - семејство и семејни вредности, нација, вера, традиционална сексуалност и примитивна, бинарна поделба машко-женско. Секако, игра таа десница и на стравот од емигранти со поинаква вероисповест. Може ли да се направи поцрн и пореакционарен инвентар од популистички предрасуди од овој што тукушто го наведов?
Колку и полошиот дел од мојава душа да ме влече кон иронија и сарказам, колку и да би уживал кога би продолжил со спрдња и персифлажа, имајќи обзир кон горенаведениот фин свет, овде ќе престанам и ќе се обидам да бидам сериозен. Време е да се потсетиме како грижата за либерални вредности функционира во реалноста, кога маските ќе паднат и кога ќе се соголи лицемерието на промотерите на тие вредности.
На пример, како е можно да се толерира најцрн нацизам и расизам кои одамна се на сцена не само во сојузничката Украина туку и во некои НАТО држави? Како дојде до тоа либералните корифеи да бидат најгласни застапници на цензура и гушење на слободата на говор... во име на демократијата? Дали проблемот со сексуалните малцинства е навистина многу поголем од глобалната сиромаштија? Како тоа грижливите либерални хуманисти ги поддржаа сите брутални интервенции кои потем кренаа реки бегалци над чија судбина и денес лијат горки, либерални солзи? Како тоа либералните хуманисти гледаат проблеми насекаде по светот, а не го гледаат јадот и чемерот на граѓаните кои живеат покрај нив, во енклави на сиромаштија, дрога и криминал? Како во либералниот свет има секогаш пари за финансирање војни, а нема за здравствена и социјална заштита? Колумната е премногу кратка за да се направи детален список на сета либерална хипокризија.
На сите екстремни страни од политичкиот спектар, отсекогаш имало и ќе има мрачни политички појави и ликови. Ама нивниот број расте и тие се излегуваат од маргините само кога хуманистите цинично ги игнорираат проблемите на огромен број свои сонародници.
Историјата нè учи и дека на либералните хуманисти не им смета баш секоја десница. Брутална, компрадорска десница од латиноамерикански тип е секогаш прифатлива. На либералните хуманисти им пречи само суверенистичка десница. Ним им сметаат оние партии кои се закануваат (веројатно во празно, ама, сеедно) дека својата држава ќе ја симнат од глобалистичкиот брод на лудаци што плови во пропаст. Станува збор за десница која се обидува да се опира на нормализацијата на ненормалното и патолошкото - како сексуалниот или еколошки екстремизам, гушењето на слободата на говор, слободата на избор или контролата на приватната сфера. Трагично, особено за некој што секогаш тежнеел кон лево, суверенистичката десница е последната, нејака брана од орвеловска контрола врз општеството на која послушно се навикнуваме. Тоа се однесува и на слободата на движење, слободата сами да ги воспитуваме своите деца или самите да одлучуваме за тоа дали, на пример, ќе се вакцинираме или нема.
Трагичен е и потопот на левицата, нејзиниот кукавичлук, компромисерство па и корумпираност. Чекор по чекор, левицата прејде на страната на своите политички непријатели и се идентификуваше со нивните цели. Живееме во време во кое сите имаат адвокати и застапници освен оние кои напорно работат но живеат во сиромаштија од која нема излез. Нивниот број секојдневно се зголемува, но, тоа е веќе некоја друга тема.