Гласните навивачи на македонската репрезентација не се хулигани, туку млади, едуцирани луѓе вљубени во спортот

Љубиша Новотни - Диш, Филип Даскаловски – Даскал и Мартин Кушевски - Куше се тројца пријатели што ги поврзува љубовта кон споротот и страста за навивањето, особено кога се натпреварува македонската репрезентација.

Без разлика дали е европско првенство во ракомет, квалификации за Олимписки игри на кошаркарите или регионален турнит, Диш, Даскал и Куше патуваат и по илјадници километри за да ги бодрат македонските спортисти.

Диш има магистерски труд во областа на јавното здраство, Даскал во моментов ги комплетира своите магистерски студии по администрација и административно право, а Куше завршил музичка академија и свири на виолина. Овие млади луѓе патуваат со македонската репрезентација и ја користат моќта на своето грло да ги бодрат, мотивираат и охрабруваат спортистите кои го носат националниот дрес.

1. За почеток, мора да го разбиеме стереотипот дека навивачите се хулигани, провокатори и невоспитани луѓе што користат вулгарни зборови. Раскажете ни за вашиот порив да бидете поддржувачи на спортот и на македонската репрезентација.

Диш: Треба да се разграничат термините хулиган и навивач, тоа се две тотално различни категории на луѓе кои присуствуваат на натпреварите, едните за жал допринесуваат другите да се плашат да дојдат на стадион, особено онаа категорија на луѓе што не присуствуваат толку често на арените. А другата група на луѓе едноставно се гордее со црвено – жолтиот дрес и го поддржува безрезервно спортот во културен спортски дух.

Од најмали нозе сум вљубеник во спортовите, особено во кошарката и ракометот и самиот имам трнирано кошарка, претпоставувам од таму и желбата за следење на се што е поврзано со македонскиот дрес.


2. Каква беше атмосферата на последното Европско првенство на македонската ракометна репрезентација? Кои се вашите спомени од Загреб?

Даскал: Најеуфорично е кога првенствата се одржуваат во земји блиску до Македонија, така и овој пат во Хрватска, македонската фаланга беше најмногубројна и најгласна публика, а атмосферата на очекуваното ниво! Низ Загреб се среќававме со навивачите и од другите земји, се поздравуваме, пеевме заедно и наздравуваме. Особено задоволство ми претставуваат патувањата со навивачка цел, си носат возбуда и спомени што остануваат во сеќавање.

3. Вашето грло е вашата моќ, да бодрите и охрабрувате, гласно навивајќи за нашите спортисти. Како се грижите за вашето здраво грло кога останувате и по повеќе недели да навивате неуморно на секој натпревар од првенството?

Даскал: Јас важам за најгрлатиот во друштвото. Моќниот глас што го поседувам е “наследство” од мојот татко кој пак е оперски уметник. Секогаш важам за предводник кога станува збор за пеење и веселење во најразлични пригоди и собиранки. Јас започнувам и другите по мене. Но, кога се работи за националниот тим, тука нема штедење. Се пее и се навива со душа и од срце и неретко и повеќе од капацитетот на гласовните можности. Засипнато грло по завршување на натпреварот е неминовно. Но секогаш знам што е најдобро за брзо закрепнување. Септолете, никогаш не ме изневерил!


4. Сите се надеваме на успеси, победи и добри резултати кога е во прашање македонската репрезентација, но во спортот еден губи, друг оди понатаму. Како се носите со поразите на нашите спортисти? Дали за вас е големо разочарување патот што сте го минале да стигнате до местото каде што гостува Македонија и напорот што сте го вложиле за организација?!

Диш: Со премисата на Пјер Де Кубертен “Не е важно да се победува, важно е да се учествува!” никогаш не сум се согласувал и секогаш сум бил оптимист дека нашите спортисти можат многу повеќе, па оттука претпоставувам дека не е ни чудо што сум разочаран после секој пораз на нашата репрезентација, меѓутоа никогаш не жалам што сум бил присутен, бидејќи ние сме таму за нив, а спортот е спорт. Нели?!

5. Дали ги следите спортските натпревари во домашната лига? За жал, впечаток е дека трибините се се попразни. Што мислите за оваа ситуација? И што може да се направи да се мотивираат навивачите и спортот повторно да стане топ тема во нашето секојдневие?

Диш: Уфф! Прашање на кое сум размислувал многу и за жал не знам дали го имам вистинскиот одговор. Кога се играат дури и дерби натпревари нашите арени се празни, а во истото време кафаните и кафулињата преполни со луѓе што го следат натпреварот на ТВ, можеби таму некаде лежи одговорот... Едноставно во Македонија како да е изгубена желбата за следење на спорт од трибините, многу попрво луѓето би си седеле во кафана. Дури и јас тешко наоѓам друштво за одење на стадион иако сум опкружен со луѓе вљубеници во спортот, а картите за влез на домашните натпревари се по симболична цена.

6. Која е следната деситанција? Правите ли планови за следното патување во црвено-жолт outfit?!

Куше: Уште додека трае првенството се прави план за наредното, надевајќи се дека Македонија ќе го продолжи континуитетот, па така во јуни веќе ќе знаеме дали ќе играме во Данска или Германија. Напред Македонија!

(комерцијален текст)

2 април 2018 - 13:45