На фронтот против лажните вести компании како Гугл и Фејсбук работат на подобрување на своите алгоритми и филтри, како редовен одговор на секој проблем за кој ќе им се побуни јавноста, додека дел од експертите сметаат дека решението е да ја научиш публиката подобро да расудува.
Наспроти нив оние што ги изучуваат лажните вести и нивното ширење, објаснуваат дека таму се работи за "уникатна епидемиологија" одлично совладана од луѓето што профитираат од тоа ширење.
Авторите на лажни вести, кои ова го прават многу повеќе заради пари отколку за каква било идеолошка придобивка, на располагање имаат изобилие од алатки и детални информации од самите социјални медиуми за публиката до која тие сакаат да пристапат.
Според експертите, ширењето на лажните вести исклучително зависи од прецизноста со која нивните автори успеваат да ја откријат и таргетираат првичната група на "верници" кои активно ќе ја споделуваат и коментираат веста, препорачувајќи ја на други луѓе преку Твитер и Фејсбук, наместо само да ја прочитаат и да ја остават без никаква реакција на истата.
"Лажните вести се шират многу подалеку кога првично се насочени кон лошо информирани луѓе што не можат лесно да расудат дали она што се тврди е точно или лага.
Оттаму, ние ненамерно создадовме околина во социјалните медиуми која е фабрички склона кон епидемии на лажни вести. Кога огласувачите ги користат информациите за сурфањето, мислењата и конекциите меѓу корисниците со цел таргетирање на правите луѓе со прави реклами, тоа може да доведе до корисна економска размена. Меѓутоа во погрешни раце, оваа технологија станува средство за прецизно сеење пропаганда," пишува Марк Бјуканен во колумната за Блумберг.
Предлогот на неколку американски мрежни теоретичари за решавање на проблемот е Фејсбук да забрани таргетирање на публика за реклами според политичка идеологија, или пак комплетна забрана за таргетирани реклами за време на изборна кампања.
Бјуканен нагласува дека технологија што им стои на располагање на лажњаците ја има и спротивниот камп, па тие можеле истата да ја искористат за таргетирање на најранливите категории и нивно информирање со факти околу одредена тема.