Зошто ЕУ со право е исплашена од Гугл

Гугл има пребарувач кој дава прецизни, актуелни и сеопфатни резултати. Работењето на овој пребарувач се одржува од продажба на онлајн реклами и линкови до компаниските сервиси како Мапи, Вести и ЈуТјуб. Доброто е што сето ова е навистина лагодно за корисниците, лошото е што Гугл ова толку добро го прави што ниту корисниците ниту конкуренцијата немаат шанси да кренат глава.

Проблемот на ЕУ е што Гугл функционира како порта на интернетот (90% од пребарувањата во Европа се прават преку нив). Сето ова е во ред се додека компанијата одржува високо ниво на квалитетни и објективни резултати.

"Дали навистина го добиваме најдоброто што интернетот може да го понуди ако Гугл ги спушта резултатите од конкурентските страни и ги промовира сопствените? Моментално едноставно се случува дека најдоброто од интернетот и најдоброто од Гугл обично да коинцидираат, меѓутоа ситуацијата станува многу полоша кога двете се разидуваат," пишува Влад Савов за Верџ.

Тој дава пример со пребарување на хотели, каде резултатите од алгоритамот се спуштени дури на половина страна, под рекламите и сопствениот сервис за пребарување хотели на Гугл (од кој Гугл заработува процент од секоја резервација), "за компании како Букинг.ком и Екпседија.ком, ова значи дека или треба да платат за да бидат меѓу првите резултати или да претрпат загуба."

"ЕУ не го смета Гугл за негативец туку за трапав џин кој има погубен ефект на веб бизнисот на останатите. Додека европските власти сакаат да изградат единствен дигитален пазар - кој вклучува силна посветеност на нет неутралноста - тие ја гледаат способноста на Гугл за манипулирање на резултатите во сопствена корист и давање на привилегиран статус на сопствените сервиси, како дебаланс кој што мора да биде поправен. Не би било проблем ако Гугл контролира мал дел од веб пребарувањата, ама компанијата е де факто пребарувач на целиот континент. Последното гласање на Европа не го задолжува Гугл да направи што било, ама тоа е силна препорака за разделување на пребарувачот од комерцијалните сервиси," објаснува Савов.

Гугл од негова страна за сега се однесува прилично претпазливо и се обидува да ја избегне драмата што му се случуваше на Микрософт со Интернет Експлорер, "и двата случаи вклучуваат компанија која е доминантна на еден пазар и ја користи својата позиција за да обезбеди предност на друг пазар."

29 ноември 2014 - 16:17