Тоа што почна како бизнис со пребарување сега е бизнис со пребарување, плус реклами, плус видеа, плус мапи, смартфони (хардвер и софтвер), браусер, паметни коли, офис пакет и неброени други сегменти во кои Гугл стандардно неповикан почна да упаѓа.
„На мојот Ајфон ги користам Гугл апликациите за фото-албум и за мапи, заедно со алатките за календар, меил и документи. На мојот компјутер и таблет, на најразличните веб браусери го користам Гугл како дифолтен пребарувач. За работа го користам Гугл Фајнанс, Гугл Драјв и Гугл Хенгаутс.
Дома Гугл е насекаде. Мојата Нест безбедносна камера е направена од Гугл. За да научам како да си го поправам олукот гледав видеа на Јутјуб. Во он-лајн мапите Гугл има слики од мојата куќа направени од вселената и од автомобили со камера.
Според мои неофицијални процени, дневно минувам најмалку седум часа со производи поврзани со Гугл,“ пишува Брајан Чен во текстот за Њујорк тајмс.
Инспирација за ваквиот попис што го прави Чен за својата навлеченост на Гугл е веста дека американското министерство за правда и официјално покрена анти-монополска тужба против Гугл. Случајот се фокусира на „пребарувањето на Гугл и како тоа успева да создаде монопол преку ексклузивни бизнис договори и спогодби кои ги исклучувале нивните ривали“.
Вон овој судски спор, Гугл е речиси цело време со нас кога сурфаме (без разлика дали користиш Хром или не) бидејќи најголемиот дел сајтови низ светот користат Гугл реклами, па секој пат кога ќе посетиш таков сајт Гугл ти става уште една „цртка“ во неговата евиденција за тебе, дури и да не кликнеш на рекламата. Во бројки: Гугл и Фејсбук собираат 59% од парите потрошени на он-лајн реклами (а од ова Гугл зема 63%). За тие што не користат Гугл реклами треба да се знае дека 74% од сите веб-страни низ светот користат Гугл аналитика.
Ваквата доминација се надополнува со Андроид, најпопуларниот мобилен оперативен систем на светот, а секој што има Андроид мора да ја има и Гугл плеј продавницата за мобилни апликации. Во најголем број случаи Андроидот оди заедно со „офис пакетот“ на Гугл, мапите и пребарувањето. Бонус: Гугл е дифолтен пребарувач на Сафари на Ајфон од 2007.
Гугл има 10 од 100-те најдаунлодирани апликации и во продавницата на Гугл и во продавницата на Епл.
Кај видеата Гугл го има недостижниот Јутјуб, кој е најголемата видео платформа на светот. Околу 215 милиони Американци гледаат Јутјуб, и секој од нив во просек троши по 27 минути на ден на видеата. Пред една година овој просек беше 22 минути.
Кога по цел ден минат со Гугл ќе се прибереш дома, таму те чека Гугл Хоум паметниот звучник кој доаѓа со виртуелниот асистент на Гугл, плус ергелата на Нест, производителот на паметни безбедносни камери, термостати и аларми за пожар.