Џејсон Понтин од Technology Review, прави анализа на "големиот мит за апликациите," кои според него се претворија од лесен начин за вклучување на читателите, во цицачи на пари за медиумите.
На кратко тој идентификува 4 проблеми:
- Епл бара 30% од продажбата. "Маргините на профит од еден примерок се помали од 30%, што значи медиумите му доплаќаат на Епл за да ги продава нивните броеви."
- Адаптацијата на печатените изданија во дигитални е потешко од очекуваното. "Најголем проблем се пропорциите на таблетот. Тој има хоризонтален и вертикален преглед, во зависност од тоа како корисникот го држи уредот." Дополнително Понтин објаснува дека и различните димензии на таблет компјутерите преставуваат проблем, заради што издавачите треба да направат неколку верзии од едно издание.
- Најголем проблем: Апликациите повеќе функционираат како .pdf фајлови, отколку како веб страни. "Апликациите, во ИТ жаргонот, работат како 'заштитени градини,' и иако понекогаш се убави, тие сепак се мали и задушливи градини."
- Заради начинот на кој функционира продажбата во дигиталниот свет, издавачите не можат да ги надоместат сите овие трошоци. "Без претплатници или голем број на купувачи на едно издание, и без публика која би им била продадена на огласувачите, не постојат приходи кои би ги покриле растечките трошоци за развивањето апликации," дополнува Понтин.
Во основа, проблемот е што тие и понатаму размислуваат како печатен медиум.
Во втората анализа, Џон Херман од Гизмодо зборува за "состојбата на социјалниот читач" на Фејсбук. Платформа на Фејсбук, која требаше да го промени начинот на кој медиумите стигаат до читателите.
Само оваа недела Вашингтон Пост изгубил 4,3 милиони од претплатниците на "читачот" на Фејсбук, заради тоа што повторно целиот концепт е направен за да им одговара на издавачите. Овој неуспех според Херман е "целосен колапс," за кој главна причина е неспособноста на издавачите да го разберат интернетот и начинот на кој луѓето споделуваат.
"Социјалните читачи отсекогаш изгледале како да се премногу насочени кон споделување, дури и за Фејсбук. Тие повеќе изгледаат ладно, прегледно, невидливо а сепак задолжително, како сервис што сме научиле да го гледаме од Гугл, а не како некоја вистински нова и корисна алатка за споделување на инфромации," пишува Херман.
Тој, слично како и Понтин заклучува дека "овие луѓе со аналоген ум не знаат како да успеат онлајн."