Фејсбук ја обвинува Кембриџ аналитика дека нелегално собрала информации од 50 милиони корисници на социјалната мрежа. Под нелегално, не значи дека компанијата им го дознала пасвордот на 50 милиони луѓе, па и им влегла во профил, или нешто слично. Кембриџ аналитика изработила Фејсбук анкета која на корисниците им плаќала за учество, притоа користејќи се со Фејсбук граф алатката (официјална алатка изработена од Фејсбук и јавно достапна за користење најлегално преку АПИ исто така на Фејсбук) тие, со најава, ги собрале сите информации од учесниците кои биле јавно достапни на социјалната мрежа (пријатели, слики, каде си лајкал, каде те има тагирано на слика, и се можно што некогаш си правел а е јавно достапно), односно од корисниците што ги немале променето почетните поставки од Фејсбук кои оставаат најголемиот дел од твојот профил да биде јавно достапен.
Кембриџ аналитика во неделата негираше дека што било од нивните постапки било недозволено, и дека компанијата „комплетно ги почитувала“ правилата на користење на Фејсбук. На секој што некогаш се обидел да направи каква било апликација за Фејсбук знае дека правилата се толку строго чувани и заштитени со „високи ѕидини,“ што не постои начин како било да се заобиколат.
Во врска со целата работа, Сноуден прво во саботата напиша:
„Фејсбук ги заработува своите пари експлоатирајќи и продавајќи интимни детали за приватните животи на милиони луѓе, многу подлабоко од оскудните детали што доброволно ги објавувате. Тие не се жртви. Тие се соучесници.“
Под ова тој имаше линк до текст од Њујорк тајмс за операцијата на Кембриџ аналитика.
Потоа во неделата Сноуден дополни:
„Компаниите кои заработуваат од собирање и продавање детални записи од приватните животи на луѓето, некогаш беа едноставно нарекувани ’компании за следење’. Нивното ребрендирање во ’социјални мрежи’ е најуспешната измама од времето кога Департманот за војна стана Департман за одбрана.“