Според Њујоркер главниот проблем со онлајн коментарите е што се анонимни, а ова е дополнително проблематично бидејќи анонимноста е најчеста кај публиката меѓу 18 и 29 години.
Една од најчестите критики за онлајн коментарите е неповрзаноста на идентитетот на човекот што коментира и она што тој го кажува, феномен што психологот Џон Сулер го нарекува "ефект на онлајн дисинхибиција" (немање кочница). Теоријата е дека во моментот кога ќе го скриеш сопствениот идентитет, вообичаените ограничувања во твоето однесување исчезнуваат, односно, "на интернет никој не знае дека не си куче."
Анализа на коментарите на статиите за имиграција (на четири новински сајтови, два кои дозволувале анонимност и два кои барале идентитет), покажала дека 53% од анонимните коментари биле нецивилизирани, наспроти 29% кај регистрираните.
"Меѓутоа забраната за коментари на статија може едноставно да ја пресели публиката на друго место, како Твитер и Фејсбук - од заедница формирана околу една публикација или идеја, на заедница без видлив идентитет. Вакви големи групи често создаваат помалку посакувани ефекти, вклучувајќи и распределување на одговорност: се чувствуваш помалку одговорен за своите постапки, и станува поверојатно да се однесуваш не морално," пишува Њујоркер.
Она што го открива истражувањето на Универзитетот на Висконсин - Медисон, не е дека коментарите имаат негативна моќ, туку дека тие создаваат кумулативен ефект на многу негативност или позитивност на едно место. И понатаму една од најважните контроли на нашето однесување се воспоставените норми на една заедница, односно дека постојано различно се однесуваме во зависност од просторот и ситуацијата: фудбалски натпревар има поинакви правила отколку свадба.
"Новите технологии на комуникација фундаментално не ги менуваат теоретските ограничувања на човековата интеракција; таквата интеракција продолжува да биде водена од основните човечки тенденции," објаснуваат психолозите Марко Јазер и Брајан Саутвел, според кои медиумот за комуникација може да се менува, ама луѓето не.