Уште на почетокот на годинава Тим Бернерс-Ли, таткото на светската мрежа, предупреди дека еден од неговите најголеми стравови за иднината е сè покомпликуваните услови за користење што компаниите им ги даваат на корисниците.
Последиците од тоа што тој го зборува, во пракса ги покажа Прпл, компанија од Манчестер специјализирана за ви-фи точки за брендови како Леголенд, ланци на пицерии и ресторани.
Неделава компанијата се отвори дека истерала 2-неделен експеримент во кој вметнува "клаузула за општо-корисна работа", во условите за користење на нејзината услуга. Во експериментот, веројатно уште не свесни за тоа, 22.000 луѓе потпишале (штиклирале) дека ќе истераат 1.000 часови општокорисна работа во замена за можноста да се закачат на Фејсбук и слични губења време.
Во договорот корисниците се согласиле да направат некое од следново:
- чистење локални паркови од животински измет
- гушкање кучиња и мачки скитници
- рачно одзатнување блокирана канализација
- чистење мобилни тоалети на локални фестивали и настани
- боење на куќички на полжави со цел разубавување на нивното постоење
- чистење мастики од улица
Во самата клаузула има и награда за секој што ќе и се јави на компанијата и ќе ја нагласи клаузулата. Во тие две недели само еден човек ја добил наградата.
Без воопшто да се навлегува во тоа дали Прпл имаат легално право да ја спроведуваат клаузулата, компанијата уште од старт се одрече од такво нешто. Целата вежба е дел од маркетинг кампања за Прпл и кампања за подигање на свесноста околу неопходноста за читање на условите за користење.