Ексклузивноста значи дека само претплатниците на конкретната платформа ќе имаат пристап до содржините (пример само оние со ХБО ќе можат да гледаат Игра на тронови, а само оние со Дизни+ ќе можат да гледаат што било Марвел), ама и дека ниту една платформа нема да ги има сите содржини, што на крај во најдобар случај се решава со плаќање неколку претплати за стриминг сервиси.
Американска студија предвидува дека до 2022 секоја поголем медиумска куќа во светот ќе има сопствен стриминг сервис, а во моментов има над 300 видео стриминг сервиси кои се достапни во САД.
Стравот е дека како почнуваат да се појавуваат се повеќе стриминг сервиси и со тоа да се трупаат претплатите, корисниците ќе почне да ги фаќа носталгија кон пиратерија и од ново ќе ги инсталираат бит-торент клиентите. Освен претплатите, дополнителен проблем за гледачите е што постојано треба да се во тек и да ловат кој стриминг сервис добил ексклузивност на која содржина, а ако веќе треба да ги ловат содржините тоа можат да го прават и на Пајрат беј.
И годишната Дигитал медиа трендс анкета на Делоит, покажува дека постојаната размена на ексклузивноста ги напнува гледачите:
„Но презаситеноста на избор има и своја негативна страна: речиси половина (47%) од американските потрошувачи велат дека се фрустрирани од растечкиот број на претплати и сервиси кои се потребни за тие да можат да гледаат што ќе посакаат. Уште поголем проблем е што 57% изјавиле дека се фрустрирани кога содржините ќе им исчезнат затоа што на нивните омилени серии или филмови им истекол рокот.
Потрошувачите сакаат избор, ама само до одредена точка. Можеби влегуваме во време на ’замореност од претплати’.“
Заради сето ова се очекува воскреснување на пиратеријата, а препораката до сите овие сервиси е дека таа треба да биде третирана како конкурент, кој, на страна слабите страни, е бесплатна, лесно е достапна, и ги обединува сите содржини што некогаш се појавиле, без да се ограничува со ексклузивност.