За парите Веризон го добива меил сервисот, медиумите, онлајн рекламите и пребарувањето на Јаху. Со договорот Јаху се спојува со уште еден интернет гигант од 90-те, АОЛ, кој Веризон го купи минатата година за 4,4 милијарди долари.
Без разлика што ќе се случува во иднина ова значи крај за постоењето на Јаху како посебен ентитет, и речиси сигурен крај на мандатот на Мариса Маер како ЦЕО на компанијата, кој може да се опише како "ера на стагнација и финансиска површност."
За време на мандатот на Маер, Јаху потроши 3 милијарди долари на купување компании, од кои 1 милијарда завршија кај "претежно неуспешната" платформа за микро-блогирање Тамблр. Компанијата донесе и серија скапи нови "првотимци" како Енрике де Кастро, гуру за продажба реклами, на кој му беа платени "110 милиони долари за 15 месеци неспектакуларна работа," како и скапи новинари "чиј талент се изгуби на веб-порталот."
"На крај Маер никогаш не успеа да изнајде една успешна стратегија за пивотирање на Јаху од веб-портал од 90-те во нешто многу поиздржливо и динамично. Како резултат на ова, излез во рацете на Веризон изгледаше најлогичен, иако негламурозен, исход.
Во ретроспектива Јаху беше соборен од подемот на мобилните. Иако Јаху купи значителен број апликации и стартапи за време на мандатот на Маер, компанијата не успеа нив да ги инкорпорира во поширока, мобилна стратегија. Нејзините клучни сервиси и понатаму одлично функционираа, меѓутоа овие вертикали не успеаа да се адаптираа на мобилниот свет, а Маер не успеа да идентификува и спроведе поширока стратегија за обединување на нејзините постојни првенци со новите бизниси што ги купи. На пример Тамблр беше доведен до точка на застој преку не преземање на каква било акција. Беше премалку и предоцна," пишува Маја Кософ во Ванити феир.
Токму неспособноста да се адаптира, според Кософ е главната мана на Јаху, објаснувајќи дека на почетоците на интернетот Јаху служи како именик за услуга која мал број луѓе знаат да ја користат. Меѓутоа со појавата на компании како Гугл, и се пообразованите корисници, Јаху го губи својот правец и чекорот со конкуренцијата.
Во ваква ситуација, со стабилни клучни сервиси, и ослободен од сè што не носи пари, Веризон може да монетизира од Јаху многу поевтино отколку што тоа го правеше самиот Јаху, "на пример со додавање на Јаху Фајненс (кој се уште носи сериозен сообраќај) на веќе постојните медиуми како Теч кранч и Хафингтон пост."
"На крајот, за Јаху, иновацијата изгуби од практичноста," пишува Кософ.