Проучувајќи ги веб-страниците за вработување и базите на податоци, Минт прес утврди дека гигантот од Силициумската долина последниве години има ангажирано десетици професионалци од Централната разузнавачка агенција. Преголем број од овие кадри работат на политички високо чувствителни полиња, имајќи значителна контрола што гледа светот на своите монитори и во резултатите од пребарувањата.
Главен во тоа е одделот за доверба и безбедност, чии луѓе, според зборовите на некогашниот потпретседател на одделот, Кристи Канегало, „одлучуваат каква содржина е дозволена на нашата платформа“. Со други зборови, одредуваат што гледаат милијарди луѓе, а што не гледаат. Пред Гугл, Канегало беше заменик началник на департмент од кабинетот на Обама а моментално е началник на кабинет во одделот за домашна безбедност.
Жаклин Лопур мина над десет години во ЦИА, како „водечки експерт на американската влада за безбедносни предизвици во Јужна Азија и Блискиот Исток“. Во Гугл доаѓа 2017 година и моментално е топ менаџер за разузнавачки информации, доверба и безбедност.
Џеф Лазарус меѓу 2010 и 2015 бил економски и политички аналитичар во ЦИА. Во 2017 е ангажиран од Гугл за сузбивање на „екстремистички содржини“. Лани премина во Епл.
Рајан Фугит минува 8 години како офицер во ЦИА. Во 2019 година, Гугл го убедува да премине кај нив.
Како директор за доверба и безбедност, Брајан Вајсбард водеше тимови кои носеа најитни и најприоритетни одлуки за чувствители содржини на Јутјуб. Меѓу 2006 и 2020 бил разузнавачки офицер во ЦИА. Сега е директор во Фејсбук.
Ник Росман бил фокусиран на Ирак како аналитичар на ЦИА во периодот 2009-2014. Од јануари е топ менаџер во Гугл.
Џејкоб Берет денес е главен за безбедно сурфање во Гугл, во ЦИА бил меѓу 2007 и 2013.
После 12 години минати во ЦИА како политички аналитичар, Мишел Тоборовски ја напушта агенцијата и преминува во Јутјуб.
Проблемот вакви кадри да стануваат арбитри за тоа што е точно, а што лажно, што треба да се промовира а што да се избрише, е што сите тие се форматирани во Агенција чија работа, меѓу другото, била да внесува лаги и лажни информации во јавноста.
Џон Стоквел, поранешен шеф во ЦИА, пред камера објасни како неговата организација се инфилтрирала во медиуми ширум светот, создавала лажни весници и новински агенции и подметнувала лажни вести за непријателите на Вашингтон.
„Имав пропагандисти низ целиот свет“, вели тој. „Проширивме десетици приказни за кубански ѕверства, кубански силувачи... Објавувавме (лажни) фотографии кои ги пренесуваа речиси сите... Не знаевме ни за едно злосторство извршено од Кубанците. Тоа беше чиста, сурова, лажна пропаганда да се создаде илузија дека комунистите јадат бебиња за појадок“.
Дури и да нема ништо спорно и сомнително во односот Гугл - ЦИА, со ангажирање вакви профили на битни позиции, Гугл ќе почне да мисли и да ги гледа проблемите исто како ЦИА, пишува Ален Маклеод.
Твитер има луѓе од ФБИ, НАТО е присутен во началството на ТикТоК, Атлантскиот сојуз има директор во Редит.... Но, Гугл е поинаквa приказна. Другиве се платформи па човек може да реши да ги игнорира или да користи алтернативни платформи. Гугл едноставно е преголем за да може да му се кидне.