Фејсбук сака да не ја користите алатката која ги открива нивните тајни

Се работи за плагин за Хром и Фајрфокс со помош на кој истражувачи од Унивезитетот во Њујорк добиваат увид како функционира таргетираното политичко рекламирање на најмоќната социјална платформа и како Фејсбук учествува во ширењето посакувани информации или дезинформации.

Интелектуалци, новинари и активисти за човекови права се ставаат на страната на Универзитетот во Њујорк во нивната битка со Фејсбук и барањето на компанијата истражувачите да сопрат со собирање податоци како функционира микро-таргетирањето за политички реклами на оваа платформа.

Истражувачите велат дека алатката која ја имаат изработено е драгоцено средство за разбирање како Фејсбук учествува во манипулациите.

На 16 октомври, врвот на Фејсбук побара нивниот плаг-ин за Хром и Фајрфокс кој доброволно го преземаат илјадници корисници да биде угасен и сите податоци добиени од него да бидат избришани. А тој плаг-ин на истражувачите им дава увид како се таргетираат корисниците за Фејсбук за одредени политички реклами и мислења, надвор од стандардните пол, возраст, локација итн. демографски критериуми.

„Јавноста има право да знае кои политички реклами се во оптек и како корисниците се таргетираат за нивно добивање. На Фејсбук не може да му се дозволи да биде ексклузивен чувар на информациите од кои зависи нашата демократија,“ вели адвокатка специјализирана за заштита на правата произлезени од првиот амандман на американскиот устав.

Како резултат на јавниот притисок по последните избори во САД во 2016-та година, Фејсбук изготви архива на реклами со детали кој платил за рекламата и кога таа циркулирала, но сè уште одбива да ги сподели информациите за тоа кој и по кои критериуми ги добива тие реклами на нивниот Фејсбук профил.

Плагинот „Ad Observer“ за Хром го имате тука а за Фајрфокс овде

25 октомври 2020 - 12:27