„Би биле потребни повеќе тимови да би се пронашло точното местото каде што одат податоците од корисникот. Не постои едно лице, колку и да е високо во системот, кое би можело само да ви одговори на тоа прашање,“ рекол Јуџин Зарашоу, инженерски директор на Фејсбук кој бил таму од 2011 година.
Сослушувањето на експерти од Фејсбук чии транскрипти неодамна беа отворени за јавност имало за цел да се одгатне едно суштинско прашање: Кои информации за нас чува Фејсбук и каде се тие?
Ете, не знаат.
Ова рочиште беше дел од повеќегодишниот судски процес поврзан со скандалот со Кембриџ Аналитика и злоупотребата на личните податоци во кој Фејсбук призна дека податоците за преку 50 милиони луѓе им биле достапни на трети страни.
„Замислете да имате капка мастило кое е мешавина на сите податоци кои се знаат за еден корисник. Сега замислете таа капка да ја истурите во езеро. Сега замислете колку е неможно истата таа капка да ја вратите во шише,“ проба да долови еден од сведоците за тоа што се случува кога нашите податоци ќе влезат во огромните машини на платформата.
На процесот против него и компанијата требаше да сведочи и Марк Закерберг но Мета реши навреме вонсудски да го затвори незгодниот проблем и да плати отштета од 37,5 милиони долари.
Годинава имаат платено и 90 милиони за тужба дека собираат податоци за корисници и кога тие ќе заминат на други сајтови а останале логирани на Фејсбук а подмирија и отштета од 650 милиони долари за повреда на приватност од нивниот систем за препознавање лица.