Месинџерот на ФБ, кој оригинално беше дел од апликацијата, за потоа (со многу бунтување) да стане посебна апликација, сега ќе биде новиот столб на Фејсбук и ќе биде претворен во засебна платформа за која програмерите ќе можат да изработуваат сопствени апликации. Со ова ФБ се надева дека ќе ги задржи корисниците во своите рамки, и дека тие нема да имаат потреба да се шлаат наоколу по остатокот од интернет.
"Замисли го следното сценарио: пријателката ти испраќа слика од фустан преку Месинџер, кликаш на него во апликацијата, го купуваш и ги договараш сите детали за испорака. Кога трансакцијата заврши, продолжуваш со разговорот со пријателката и и' кажуваш дека си го купила, а притоа воопшто не си излегол од еко-системот на Фејсбук. Како што забележа еден мој колега 'продолжува трансформацијата на ФБ во оперативен систем за твојот живот,'" објаснува Чарли Варзел за Базфид.
Меѓу новитетите што ги најави Фејсбук е што од сега ќе им дозволи на медиумите (во прво време со покани) својата содржина да ја хостираат на социјалната мрежа. Па наместо да се објавува наслов и вовед со линк до текстот кој ќе те одведе на некоја вебстрана, сега целата содржина ќе се отвора директно на Фејсбук.
Во основа на Фејсбук му е сеедно дали корисникот ќе одбере Андроид или Ајфон, што е "лична преференца", бидејќи секој има Фејсбук профил. Со тоа што ќе го отвори Месинџерот за трети страни Фејсбук ќе може "да го ископира интернетот во рамките на своите ѕидини"
"Фејсбук како целиот интернет. Не за сите, ама за доволно за да не може да биде игнориран. Ова е Фејсбук како место кое ги хостира вашите вести, вашите пријатели, и вашите омилени апликации. Фејсбук како место кое немате потреба да го напуштате за некому да му испратите пари или за да ја промените адресата на испорака за новиот фустан што сте го купиле. Верзијата на Фејсбук која Закерберг ја објасни во средата е почетокот на наликувањето на Фејсбук на она што неговите директори со години го замислуваа," пишува Варзел.