Секој кој се бави со дневно онлајн новинарство се среќавал и со барања некој текст да биде тргнат од архивата. Најчесто се работи за луѓе кои се осудувани и би сакале да продолжат со животот без тој багаж.
Во некои случаи може да се повикаат на „правото на заборав“ кое произлегува од одлуката на судот на ЕУ, по некое време да се бара од пребарувачите неповолните текстови да ги закопаат малку подлабоко. Но, не и да ги бришат од архива, ако за тоа нема правен основ
„Звучи необично, но полесно им е на оние кои ја отслужиле казната или судот пресудил во нивна корист, затоа што имаат некаков основ. Потешко им е на оние за кои медиумите или блогерите пишувале, а немале судски епилог“, пишува Зоран Станојевиќ.
Затоа се појавуваат фирми кои за парична надокнада, нудат „заборав“. Обично тоа се адвокатски канцеларии, но Гардијан пронајде една интересна компанија во Шпанија која се вика Елиминалија (eliminalia.com) која ветува ефикасност во процесот на регенерирање на интернет репутацијата. Мотото им е „го бришеме вашето минато и ви помагаме да изградите иднина.“
Елиминалија користи три методи за отстранување или потиснување на непожелни содржини. Првиот метод е „затрпување“. Ако неповолните содржини за вас се појавуваат високо во резултатите од пребарувањето, најдобро е да се направат нови содржини што ќе ги „потонат“ старите. За таа цел фирмата направила неколку онлaјн магазини за домашни миленичиња, спорт и разонода, ги оптимизирала за пребарувачите и низ нив ги пушта „заменските“ текстови. Кога клиентот ќе го пребара своето име, прво се појавуваат такви содржини во кои неговото име и мислење високо се ценат.
Вториот метод е класичен притисок. Претставувајќи се како адвокатска канцеларија или правен застапник, Елиминијала му пишува на сопственикот на архивата барање да тргне некаква содржина, затоа што во спротивно... Исплашени од можни тужби некои потклекнуваат, можеби и заради тоа што не би да се влечат по судови, а содржината ионака веќе нема никаква читаност па не им се исплати да водат битки за неа. Инаку, такви барања од вистински адвокати има доста, обично втемелени во некоја судска одлука, па тоа е причината зошто на Елиминијала им проаѓа приказната.
Третиот метод е најинтересен затоа што директно „ги гаѓа“ пребарувачите. Елиминалија тука се претставува како сопственик на авторски права на содржината што некој ја објавил, и од пребарувачот или некоја платформа како Јутјуб или агрегатор за вести бара содржината да биде симната заради кршење на авторските права. На вакви барања се реагира промптно, дури и постапката е поедноставена, постојат онлајн формулари на кои често е доволно да ставите забелешка и содржината се „гаси“.
„Ќе биде интересно да се следи понатамошниот развој на настаните, дали разоткривањето на Гардијан ќе го загрози нивниот бизнис или ова ќе им дојде како баш добра реклама. Засега, текстовите со негативни критики за нивната работа се високо во резултатите од пребарувањето. Ако успеат да ги „потонат“, подобра реклама не им ни треба“, поентира Станојевиќ.