Русија моментално е погодена од две работи: прво, падот на цената на нафтата (за кој постои сомнеж дека е голем заговор на Западот и Арапите) и економските санкции (заради Крим). Нафтената индустрија и гасот генерираат околу половина од руските приходи, на што катастрофално влијаеше падот на цената на нафтата од 110 на 60 долари за барел. Сето ова само беше надополнето со санкциите што ги воведоа ЕУ и САД.
Мерките се воведени веќе некое време, ама катастрофалниот пад од 19% генерално се должи на чиста психологија, и страв на јавноста дека рубљата само ќе продолжи да пропаѓа.
Во одбрана на својата валута руската Централна банка троши добар дел од своите девизни резерви за купување на рубљи, надевајќи се дека ќе може да ја стабилизира цената. Дополнително, тие објавија џиновски каматни стапки на штедни влогови, кои треба да ги натераат граѓаните да штедат. За сега ниту еден од овие потези не им успева.
Во најдобар случај целата криза ќе заврши со време со тоа што Путин ќе преземе мерки да ги увери Европа и САД да ги олеснат санкциите. Ова би требало да е доволно за смирување на паниката.
Во најлош случај би следувал економски колапс и хиперинфлација, што пак како последица би можело да предизвика поагресивни потези од страна на Путин.