
Просечниот германски новчаник во себе има околу 100 евра, а според статистики готовината е и најчест начин за плаќање и за големи трансакции. И луѓето што ги прават овие статистики не се сигурни од каде им е ваквата навика на Германците.
"Еден поглед во новчаникот ви дава сигнал за трошоците и останатиот буџет. Кога трошоците во најголем дел од времето се во кеш, тогаш квалитетот на овој сигнал е силен. Ние претпоставуваме дека на одредени потрошувачи овој сигнал им е важен и затоа се решаваат да користат готовина," пишува аналитичарот на Европската централна банка, кој изработи извештај на темата.
Друго објаснување е дека Германците уште влечат навики од хиперинфлацијата пред Втората светска војна, кога цената на лебот достигнува 428 милијарди марки, а кило путер чини околу 6000 милијарди марки. Тие имаат проблеми и по војната, се до 1948-ма кога се укинува рајхмарката и се воведува дојч марката.
Токму овие околности во неколку ситуации до сега (американската депресија, кризите во Бугарија и Романија) се покажа како причина за луѓето да користат и чуваат готовина (посебно во стабилна странска валута).
На сето ова се придодава и се-германскиот презир кон долговите (германскиот збор за долг "Schulden" доаѓа од зборот за вина "Schuld"). Заради ова и нивото на потрошувачки долгови во Германија е значително ниско, а заради аверзијата кон хипотеки земјата има една од најниските стапки на сопственици на станови.
"Со други зборови германската тенденција да се избира готовина е последица на тоа што во најголемиот дел од минатиот век Германија бил на работ, сред или се борела да излезе од некоја катастрофа," пишува Мет Филипс во текстот за Кварц.