
Германија падна на шестото место на новата ранг-листа на Светска банка врз основа на Паритетот на куповната моќ (ПКМ), кој ги зема предвид разликите во нивото на цените и трошоците за живот, па дава пореална слика отколку споредбата на номиналниот БДП.
ПКМ на Германија, според податоци на Светската банка, во 2024 година изнесувал 6,04 билиони долари. Земјата сè повеќе се оддалечува од врвот на листата, на кој е Кина со 38,19 билиони долари. Зад неа се САД, Индија, Русија, а сега и Јапонија.
Кина ги престигнала САД во 2014 година и оттогаш само ја зголемува разликата во реалната куповна моќ на граѓаните. Неочекувано високо котира и Русија, и покрај инфлацијата од над 9%, финансиските санкции од западните земји и самиот факт што води исцрпувачка и скапа војна во Украина.
Падот на листата покажува дека Германија не успеала да постигне никаков значаен структурен напредок во последните години. Во исто време значително се зголемиле трошоците за домување и услуги, особено во големите градови како Берлин, Хамбург, Минхен и Келн. Само во Берлин, кириите се зголемија за 27% помеѓу 2022 и 2024 година.
Континуираното зголемување на цените не само што ја намалува реалната куповна моќ на граѓаните, туку и трајно ја влошува конкурентската позиција на Германија на меѓународно ниво.
Владата на Мерц мора итно да дејствува. Главна причина за високите кирии се недоволниот број домови. Градежната индустрија повикува на намалување на бирократските пречки за проекти за изградба и реновирање, поедноставени процедури за издавање дозволи, даночни олеснувања и јасна инвестициска офанзива во дигиталната и транспортната инфраструктура, предупредува Берлинер цајтунг.