Парите треба да стигнат од Јавниот инвестициски фонд од Ријад, кој е под управа на саудискиот престолонаследник Мухамед бин Салман.
Наводно завршена е работата околу парите меѓутоа Кушнер сега разгледува како да ограничи влијанието што ќе го има Саудиска Арабија како клучен инвеститор во неговиот инвестициски фонд. Едно од можните решенија на овој проблем е остатокот од парите да ги обезбеди од „традиционални инвеститори“ како пензиски фондови и други американски финансиски институции.
Информацијата дека Кушнер започнува сопствен инвестициски фонд е од јули годинава, а тогаш Ројтерс објави и дека тој планира да отвори канцеларија во Израел.
Пред некое време и министерот за финансии во владата на Трамп, Стив Мнучин, објави дека отвора приватен фонд со капитал од 2,5 милијарди долари, главно собрани од Блискиот исток.
„Ова е врвен случај на ’владина револвинг врата’. Ја користиш твојата позиција во владата за градење пријателски односи со емирите нафташи за време на твојот мандат и очекуваш - без тоа да мора да го кажеш или да го напишеш на парче хартија - потоа да бидеш богато награден за тоа. Каков исклучителен стимул за политичарите од извршната власт (посебно на оние кои доаѓаат од бизнисот) за да го искористат своето време во јавна служба за поставување на темелите за идно собирање пари.
Ниту Мнучин или Кушнер немаше да можат да соберат толку пари од владетелите на Блискиот исток ако не служеа во Белата куќа - а во случајот со Кушнер, да работи и како еден од најрешителните поддржувачи на Мухамед бин Салман за време на неговиот подем кон тронот.
Кушнер одигра клучна улога во обезбедување американска поддршка за МБС кога му беше неопходно да ги расчисти своите ривали и својата моќ да ја консолидира поцентрално од кој било друг крал во историјата на Саудиска Арабија,“ пишуваат новинарите Бредли Хоуп и Том Рајт во веста за Проџект брејзен.
Според бизнис правилата, не само Кушнер, туку кој и да управува со тие пари, ќе добие меѓу 10 и 20% од целиот профит заработен од вложувањето на парите, плус 2% надомест за нивното менаџирање, што е околу 40 милиони долари годишно „за правење ништо освен чување на парите за МБС.“
Оваа инвестиција не е спорна само заради минатиот труд на Кушнер, туку и заради тоа што и понатаму е во игра Трамп да се кандидира за уште еден мандат во Белата куќа, „што значи дека ништо не ја спречува Саудиска Арабија да инвестира огромни суми пари во неговото семејство“. Дури и да не се кандидира, тие можат да се потпрат на водечката позиција што Трамп моментално ја има кај републиканците.
За време на својата служба во Белата куќа, Кушнер разви близок однос со МБС, со кого, според Њујорк тајмс, со години разменуваат мејлови, пораки и други форми на комуникација. Зетот на Трамп исто така успеа да постигне нормализирање на односите на Израел со Емиратите, Бахреин, Судан и Мароко.