Вадењето нафта станува ризичен бизнис

Нафтените компании изгледа полека ќе ја баталат нафтата. Комбинација на мала потрошувачка и миграцијата кон обновливи извори на енергија, ја прават потрагата по нафтени резерви прескапа. А тие компании не пијат нафта.

Некогашната блиц војна меѓу Аргентина и Велика Британија во 1982 година стана нешто појасна во 2010 година кога беше обелоденото дека на спорните Фолкландски острови е најдено импозантно наоѓалиште на нафта, проценето на околу 1,7 милијарди барели.

Десет години подоцна, наместо да стане златна кокошка на глобалниот нафтен бизнис, тоа се претвора во ризичен бизнис во кој веројатно ќе останат заробени огромни средства. Стотици милиони долари се инвестирани, грам нафта уште нема излезено од таму а компанијата веќе реши да отпише 200 милиони инвестиции бидејќи подоцнежните фази на развојот се чинат нереални.

Равенката вели дека нафтата ќе продолжува да станува поевтина заради намалената побарувачка односно транзицијата кон обновливи извори на енергија а трошоците околу штетените емисии на фосилните горива ќе стануваат сè повисоки.

Светските консултанти проценуваат дека околу 10% од вкупните моментално расположиви резерви на нафта (околу 125 милијарди барели) ќе се покажат како вишок. Затоа, се откажуваат идни инвестиции, особено во покомплицираните и поскапи проекти а се форсираат оние кај кои брзо може да се заработи и да се искористи актуелната ситуација бидејќи долгорочните проекции се неизвесни.

На почетокот на август, БП објави дека во иднина нема да прави никакви испитувања на наоѓалишта во нови земји.

„Ќе останат заробени огромни средства и компаниите ќе мора да се помират со тоа,“ вели Муксит Ашраф, познавач на приликите.

На листата на најризични нафтени проекти се оние во Бразил, Ангола, Мексиканскиот залив и северна Канада.

21 август 2020 - 13:07