Тешко раскинува ЕУ од евтина Кина

Европејците  пред неколку години почнаа да се силат дека ќе ја прекинат зависноста од Кина откако таа го објави својот план „Појас и пат“ за инвестирање низ свет. Пред неколку месеци ова изгледаше дури и како стварно да ќе го остварат, кога Унијата остана без најразлични суровини и делови откако Кина затвори заради ковид-19. Како што полека сите почнаа да се навикнуваат на новата ситуација, така и ЕУ како да си легнува во стариот калап.

„Кинеските работници имаат подобра рака за патики,“ ќе изјави ЦЕО-то на Балдинини, чие семејство во 1910 ја има основано компанијата во Северна Италија.

Производите на Балдинини од највисока класа и понатаму се произведуваат во нивната фабрика во Италија, меѓутоа за патиките (кои ги продаваат за над 300 евра) и останато од слична класа, тие зависат од фабрика во Шензен.

„Трошоците за производство таму се 75% пониски отколку во Италија. Не можам ни да замислам да прекинам соработка и тоа производство да го вратам во Италија. Едноставно нема друг начин, освен ако италијанската влада не одлучи драматично да ги намали даноците и трошоците за работниците,“ објаснува Џими Балдинини.

Додека Балдинини објаснува како стојат работите на терен, двајца високи финансиски функционери на ЕУ независно еден од друг порачаа дека компаниите мораат да размислат за враќање на делови од своите ланци на набавка поблиску до ЕУ дури и ако тоа значи повисоки трошоци за производство.

Ваквиот став ЕУ го потврдува и во 750 милијарди евра вредниот пакет за закрепнување од ковид-19, во кој е вклучена и „стратешка автономија“ на клучни сектори и градење посилни синџири на снабдување во рамките на ЕУ.

Ова главно се однесува на фармацевтската индустрија за која Унијата дури годинава се освести дека речиси комплетно им зависи од Кина и Индија. Месециве во изолација западниот дел од светот се освести дека речиси 40% од сите активни фармацевтски состојки што глобално се користат се произведуваат во Кина.

Планот на Германија е раскинувањето со Кина да ги изведе преку наметнување повисоки стандарди за човекови права и заштита на животната средина за земјите од кои потекнуваат производите увезени во земјата. Тоа што може да се покаже како кобно за ваквиот план е што на Кина отпаѓаат 40% од испорачаните автомобили од најголемиот германски производител - Фолксваген.

Инаку приближувањето на синџирот на снабдување не мора да значи дека тој целосно треба да се случува на територија на ЕУ, туку прифатлива е и блиската околина, на пример Мароко, каде Пежо лани ја отвори својата најголема фабрика вон ЕУ и Кина. Желни да натоварат што е можно повеќе извоз, мароканските власти преку најразлични субвенции и инвестиции во инфраструктура успеаа да соберат речиси 70 производители на автомобилски компоненти.

Во исто време членки на ЕУ од источниот блок, како Полска и Романија даваат сè од себе за да се понудат како евтина и блиска, а квалитетна замена за кинеското производство.

30 јуни 2020 - 12:52