Овој пат немаше ни трага од стандардните виновници за ваквиот пад, не беа најавени некои нови построги закони, ниту истраги против банки, невработеноста останува близу 4 проценти, а Трамп успеа да го протурка законот за намалување на даноците за најбогатите.
„Единствено значително нешто што може да се поврзе со ненадејната промена на пазарните трендови беше веста дека платите ќе растат. Њујорк тајмс објави дека 'просечната саатница во јануари била поголема за 2,9% отколку претходната година, што е последен знак дека долгото, бавно економско заздравување конечно стигна до паричниците за Американците,' пишува Мет Тејлор во текстот за Вајс.
Тејлор разговара со Џаред Бернштајн од Центарот за приоритети во буџет и политики, инаку поранешен главен економски советник за американскиот потпретседател Џо Бајден. Во врска со поврзаноста меѓу повисоките плати и падот на берзата, Бернштајн го објаснува следното:
„Инвеститорите се плашат од следниот потенцијален ланец на настани: растот на платите ќе предизвика раст на цените или инфлација; тоа ќе доведе до повисоки каматни стапки; тоа ќе го забави растот и ќе го намали профилот. А запамети, вредноста на берзата е само сегашна и очекувана профитабилност. Ако инвеститорите се убедиле себе си дека ланецот настани започнал, тогаш тие мора ќе мора да продаваат. И тоа и се случи.“
Второто прашање од Тејлор е дали стварно постојат издржани докази дека приходите на не богатите луѓе почнале значително да растат, „дека нееднаквоста почнала да се намалува“? На разочарување на „не богатите“ Бернштајн објаснува дека не постојат докази за значителен раст на приходите, и дека берзата претерала во својата реакција:
„Иако е точно дека една серија плати пораснала за 2,9% од јануари до јануари, ова не се јасни податоци, и ако ги израмниш вообичаените скокови и падови, и ги погледнеш другите серии на плати, ќе видиш дека платите постепено растат, како и што можеш да очекуваш во економија во кој пазарот на труд се стега како што е кај нас.
И тука нема ништо изненадувачко. И ништо вознемирувачко. Запамети, целиот ланец настани може да биде стартуван кога инфлацијата на плати ќе почне да се префрла во инфлацијата на цени. А таа корелација веќе подолго време е прилично ниска. И тоа би можело да доведе до промена, а пазарите секогаш се обидуваат да не бидат затечени од промените. Тоа ми е јасно.
Меѓутоа претпоставката дека тоа што си имал раст во еден месец врз основа на нејасни податоци, ќе доведе до ланец на настани што ќе заврши со економија со побавен раст и помал профит, тоа повеќе е нервоза на инвеститорите отколку реалност.“
Која е логиката економскиот систем да се потресува кога сиромашните луѓе заработуваат повеќе пари? Според Бернштајн се работи за неодржлив модел во чија срж е „сфаќањето дека корпоративната профитабилност делумно зависи од потиснување на трошокот за работна рака - плата.“
„Тоа е една од причините зошто гледаме се поголема профитабилност а истовремено и стагнирање на платите.
Во ова е сржта на проблемот со нееднаквоста. Тоа се гледа во даночните закони и во други политики на администрацијата на Трамп.
Она што се случува е работниците почнуваат да добиваат малку повеќе пари; ова се заканува на корпоративната профитабилност - преку инфлација и каматни стапки, како и преку трошоци за работна сила кои го намалуваат профитот. Сето ова е кусоглед модел, затоа што економски здрава средна класа е во корист на здравиот економски раст,“ објаснува Бернштајн.