Лековите се очекува до крајот на годината да му донесат на Ново Нордиск 65 милијарди долари.
Дури и со адаптација на инфлацијата, тоа ќе ги надмине 68-те милијарди долари што Ново Нордиск ги има потрошено на целокупното истражување за сите проекти на компанијата од средината на 1990-те, кога почнуваат повеќе да се концентрираат на оваа класа на лекови.
ЦЕО-то на Нордиск деновиве ќе биде на сослушување пред американскиот Конгрес, предводено од сенаторот Берни Сандерс каде ќе треба да ги оправда цените на своите производи, а во исто време компанијата е под постојан притисок да ги намали цените на Оземпик, кој наспроти својата првична употреба како лек за дијабетес, доби масовна слава како лек за ултра брзо слабеење, нормално со сериозни нус-појави.
Ново Нордиск тврди дека во период од три децении потрошиле 10 милијарди долари на развивање на Оземпик и слични терапии, и дека лекот станал профитабилен само последниве две години. Од почетокот на минатата година Нордиск дал и ветил над 30 милијарди долари на проширување на своите производни капацитети.
Оземпик добива дозвола за продажба во САД во 2017 како лек за дијабетес. Вегови, истиот лек но во далеку поголема доза, е одобрен во 2021 како третман за дебелина. Неговата продажна цена е 1.349 долари за месечна доза.
Наспроти компанијата, Сандерс тврди дека Оземпик може профитабилно да се произведува за 100 долари за месечна доза, наспроти неговата продажна цена од 968 долари. Во исто време има и студија која тврди дека лекот може да се произведе за помалку од 5 долари.
Цената на Оземпик боде очи и затоа што лековите наменети за општата популација обично немаат колку висока цена. Трошокот за Оземпик удира и на расходите на Медикеар здравственото осигурување кое покрива цели или дел од медицинските трошоци на милиони Американци.
Од Нордиск се жалат дека тие задржуваат само околу 60% од сумата што ја наплаќаат за лекот во САД, а останатите одат на посредници во синџирот за снабдување во САД, и дека очекуваат оваа сума да расте.