Сам Полк доаѓа на Вол Стрит на 22 години, како стажант во Кредит Свис. Влегува во индустријата сонувајќи да заработи бонус од 225.000 долари, како што Мајкл Луис го раскажува тоа во "Liar's Poker". И самиот е зачуден што воопшто успева во тоа, бидејќи студентскиот живот што го води, баш и не ветува такво нешто (мрза, алкохол, дрога, тепачки и кражби).
Кога завршува летото, тој се враќа на факултет и ја завршува поседната година. По ова се враќа на Вол Стрит во Банката на Америка, откако цели три недели секој ден го малтретира директорот по телефон да му даде шанса. После една година работа добива бонус од 40.000 долари. Се чувствува одлично ("прв пат да извадам пари без да проверам колку имам на сметка"), се додека не дознава дека брокер кој бил само 4 години постар од него бил вработен од Кредит Свис за 900.000 долари. Во ова време Полк веќе една година трезен и чист од дроги.
Во текот на следните неколку години Полк "работи како манијак" по што добива понуда Ситибанк да се префрли кај нив за плата од 1,75 милиони долари годишно, во рок од 2 години. Понудата ја користи за да добие унапредување во Банката на Америка. "Почнав да излегувам со убава блондинка и изнајмив апартман над Бонд стрит за 6.000 долари месечно." Полк во ова време има 25 години, и го има пристапот до цел Менхетен.
"Сепак бев здробен од завист. На работа сите брокери седат заедно, од стажанти до директори. Па кога човекот до тебе заработува 10 милиони, 1 или 2 милиони и не изгледаат толку добро. Без разлика, јас бев воодушевен од мојот прогрес," пишува Полк.
Во времето пред кризата во 2008-ма, тој ги прави најголемите пари и тоа најмногу заради тоа што на своите клиенти (луѓе кои немаат милиони во банка) не им кажува за неминовниот крах на берзата. По ова се разочарува од самиот себе.
"Зависноста од богатство ја опишува социологот Филип Слејтер во книга од 1980-та, меѓутоа овој концепт добива многу малку внимание од истражувачите. Како алкохоличарите кои возат на пијано, зависноста од богатство може секого да го изложи на опасност. Зависниците од богатство, повеќе од кого било се посебно одговорни за се поголемиот јаз кој ја распарчува нашата некогаш голема држава. Зависниците од богатство се одговорни за огромната и токсична нееднаквост меѓу богатите и сиромашните и за уништувањето на средната класа. Само зависник од богатство би чувствувал дека е оправдано да добие компензација од 14 милиони долари, како што доби ЦЕО-то на Мекдоналдс, Дон Томсон, во 2012-та, додека неговата компанија објавуваше брошура за своите вработени во која беше опишано како да преживеат со своите минимални плати. Само зависник од богатство би заработил стотици милиони долари како менаџер на хеџ-фонд, и потоа да лобира да се остави даночниот пропуст кој му дозволува тој да плаќа помал данок од неговата секретарка," објаснува Полк.
Тој конечно си заминува од Вол Стрит кога бара од своите шефови да му дадат бонус од 8 милиони долари, наместо 3,6. Тие се согласуваат само под услов тој да потпише дека ќе остане уште неколку години. Наместо тоа Полк комплетно си заминува од Вол Стрит.