Одвратно богатите не должат за никаков данок, пишува Аксиос за трендот кој станува видлив откако најбогатите 500 од листата на Форчн почнаа да поднесуваат годишни пријави за данок и порамнување. Озбилен број прејаки фирми, предводени од гиганти како Амазон, Генерал Моторс или Халибуртон должат нула, или пак безначајно мали суми а на некои им следува и поврат на средства.
Оние кои проповедаат даночна строгост, со години предупредуваат дека големите компании успеваат со разни трикови, измени на статутите и префрлување на парите да ја намалат даночната основа, но тоа сега, благодарејќи и на популистичката политика на Трамп, станува доста видливо.
„Кога испаѓа дека фирма како Амазон нема никакви обврски кон Вујко Сем, тоа ја руши довербата во целиот систем,“ вели Брус Мелман, еден од највлијателните политички и корпоративни лобисти.
Проблемот станува сериозен бидејќи од една страна, постојано се намалуваат можностите на обичниот човек да изнајде некое даночно олеснување а од друга, во касата има сè помалку пари за средување на сериозни инфраструктурни проблеми или лошите услови во училиштата, проблеми кои постојано се кумулираат.
Во бројки, даночните пријави изгледаат вака:
* ГМ бара поврат од 104 милиони долари на пријавен профит од 11,8 милијарди.
* Гудиер очекува враќање на 15 милиони на профит од 693 милиони долари.
* Халибуртон ќе плати само 19 милиони долари данок на приход, на пријавен профит од 1,6 милијарди долари.
* Нетфликс побарува 22,1 милион на профит од 845 милиони долари.
* Американската челичарница очекува државата за 2018-та година да ѝ врати 303 милиони долари, на пријавен профит од 957 милиони долари.
Најлапидарно, триковите главно се прават на име на тоа колку им е оданочено по некогашната највисока стапка за која изнесуваше 35% и сегашната која Трамп ја намали на 21%.
А компании како Амазон не се само пасивни субјекти од даночниот систем туку преку сериозни лобирања, негови активни креатори кои го имаат приспособено на своите потреби. Но истовремено се сензитивни на лош ПР удар, каков што им се случи на Генерал електрик во 2011 година кога на пријавен профит од 14, 2 милијарди долари, побараа да им бидат вратени 3,2 милијарди.