Влегувањето на Лас Вегас во НБА најверојатно ќе чини околу 7 милијарди долари и ќе вклучува и изградба на нова арена, и покрај тоа што градот има постојна сосема функционала.
Последен пат НБА доби нов тим во 2004, кога франшизата му беше дадена на градот Шарлот. Слично е и со другите големи спортови, каде проширувањето се прави еднаш во неколку децении.
Дел од шпекулациите пак тврдат дека НБА ќе отвори две места и тоа едно за Лас Вегас и едно за Сиетл, кој по сезоната 2007-2008 го продаде своето место во НБА лигата на Оклахома.
Процесот на проширување ќе започне по затворањето на медиумските договори кои се очекува да донесат околу 75 милијарди долари и потоа ќе бидат искористени како основа за одредување на цената на новите франшизи.
За сега рекордот за највисока сума платена за стекнување со спортска франшиза ја држи групацијата предводена од американскиот инвеститор Џош Харис кој минатата година плати 6,05 милијарди долари за НФЛ тимот Вашингтон Командиерс и неговиот стадион.
Иако Лас Вегас ја има Т-мобиле арената која е на светско ниво, интересот за изградба на нова арена во Лас Вегас е затоа што клубовите потоа ја развиваат околината на салата и почнуваат да градат недвижности кои претставуваат дополнителен извор на приходи.
Процената е дека НБА ќе наплати од 4 до 5 милијарди долари за новото место во лигата, а новата сала ќе чини уште неколку милијарди. Во градот веќе се гради стадион на бејзбол тимот Атлетикс, кој треба да се пресели во Лас Вегас. Новиот стадион кој треба да отвори во 2028 се проценува на 1,5 милијарди долари.