Ќе извади ли Вашингтон кованица од еден трилион долари?

Идејата е стара десетина години но се враќа секогаш кога Конгресот е заглавен во меѓупартиски клинч околу долговите. Вадиш една кованица од еден трилион долари, ја депонираш во резервите и одеднаш имаш покритие за сè што ти треба.

За првпат идејата се спомна во 2011 година кога ситуацијата беше слична како денес: ќорсокак околу тоа дали треба да има лимит на државните задолжувања и колкав треба да биде тој.

Поборниците на концептот упатуваат на закон од 1997 година по кој теоретски му се дава право на министерот за финансии да одобри платиниумска кованица во вредност одредена по негова/нејзина дискреција.

Тоа би го побарал претседателот, министерот ќе одобрел и кованицата од 1 трилион долари би била депонирана во федералните резерви, како покритие на огромен дел од сметките на Вашингтон. 

Таквиот маневар би го заобиколил Конгресот кој, по којзнае којпат, е со врзани раце заради рововската битка меѓу Демократите и Републиканците.

Барак Обама во еден подкаст по неговото заминување од Белата куќа призна дека тоа било предлог за излез од кризата и во негово време, но само еден од многу чукнати предлози на таа тема.

Сериозни економисти не сакаат ни да ја коментираат идејата која им се чини несериозна, меѓутоа, професорот Рандал Вреј кој е родоначалник на Модерната теорија на парите вели дека ваквата идеја не е многу поненормална од финансиските маневри од стотици милијарди долари кои федералните резерви на САД ги правеа за време на пандемијата.

 

30 септември 2021 - 10:33