Напуштањето на рускиот пазар се случува и покрај апелот од Пекинг до своите компании да се спротивстават на притисокот од надвор.
Меѓу компании што ги прекинаа своите испораки во Русија се гиганти како Леново и Шаоми, кои за разлика од сите свои западни колеги глас не пуштија за излегувањето од пазарот или војната во Украина. Еден исклучок од ова е производителот на дронови ДЈИ, кој минатиот месец објави дека целосно се повлекува и од Русија и од Украина.
И без ловењето на различна ПиАр стратегија, кинескиот извоз на технолошки производи во Русија во март е драстично паднат во однос на февруари. Испораката на лаптопи е намалена за 40%, смартфони има две-третини помалку, а пратките со телекомуникациски базни станици се паднати за 98%.
На кинеското повлекување претходеше притисок од американски производители на микрочипови врз кинески компании да се држат до правилата и санкциите што САД ги воведе за Русија. Американските компании се вонредно активни да се осигурат дека нивни чипови нема да завршат во производи на трети компании кои ќе бидат испорачани во Русија и на тој начин да ги прекршат санкциите.
На страна технолошките компании, вкупниот извоз на Кина во Русија од февруари е намален 27% во вредност.
Делот од овие санкции кои според Вол стрит журнал не се во корист на САД е што ваквата строгост само повеќе ја мотивира Кина да развие ланец на снабдување што ќе биде независен од американска технологија, и да ја прекине својата зависност од американски производители.