До сега неколку адвокатски фирми поднесоа групни тужби против германската компанија, а веќе има најава и од германскиот јавен обвинител за започнување на истрага во компанијата.
Заедно со признанието за лажење на тестовите за загадување, Фолксваген објави и дека на страна имаат тргнато околу 6,5 милијарди евра за справување со "потенцијалниот трошок од кризата." Наспроти домашниот есап на Фолксваген, очекувањата се дека на крај за оштета ќе плата околу 16 милијарди евра.
Минатата недела американската агенција за заштита на објави дека Фолксваген инсталирал дополнителен софтвер во 482.000 автомобили на "чист дизел" кои се продадени во САД. Неговата задача била да се активира контролата за загадување, само кога автомобилот бил тестиран за издувни гасови. Во остатокот од времето, возилата работеле како регуларни дизел автомобили.
По ова германската компанија излегува во јавност со признание дека всушност 11 милиони автомобили со "чист дизел" што ги продала низ цел свет, го содржат истиот софтвер. Најголемиот дел од нив се во Европа.
Задачата на спорниот софтвер е да го следи движењето на воланот и педалите на автомобилот. Кога овие движења ќе покажат дека автомобилот е на тестирање за азотен-оксид, софтверот автоматски ја активира контролата на загадувањето, која во остатокот од времето е исклучена.
Измамата ја открива независната група Меѓународен совет за чист превоз, кои се заинтересирани да видат на што се должи разликата меѓу лабораториските тестови и тестовите на отворено кај неколку дизел автомобили на Фолксваген во Европа.
Тие работат со истражувачи од Универзитетот Западна Вирџинија, кои ставаат сензори во ауспухот на неколку Фолксваген автомобили и ги возат од Сан Диего до Сиетл. На отворено автомобилите, Џета, испуштале 15 до 30 пати повеќе штетни материи од дозволената граница, додека кај Пасатот, тоа било меѓу 5 и 20 пати.
Иако нема официјално соопштение од компанијата, едно од објаснувањата зошто контролата на загадување не е цело време вклучена е дека таа ги намалува перформансите на автомобилите - моторот се вжештува, се троши многу побрзо и има поголема потрошувачка на гориво. Според други експерти, контролата на издувни гасови веројатно влијае и на брзината и забрзувањето на автомобилот.
Од минатиот петок до денес Фолксваген изгуби околу 25 милијарди евра од неговата вредност. Во средата акциите на компанијата паднаа за дополнителни 10%. Во меѓувреме ЦЕО-то на компанијата си поднесе оставка, а во САД комплетно ја прекинаа продажбата на возила со чист дизел за 2015-2016.
На своја страна Фолксваген ја имаат фирмата Киркланд и Елис, која ќе им помага околу правните работи на двете страни од Атлантикот. Истата фирма го застапуваше Бритиш петрол околу катастрофата на Дипвотер Хорајзон во 2010-та, кога загинаа 11 луѓе и милиони литри сурова нафта се излеа во океанот.
Британија и Франција побараа да се спроведе истрага кај сите европски производители на автомобили и да се провери дали и кај нив има исти пропусти како и кај Фолксваген. На ова реагираше Европската асоцијација на производители на автомобили, според кои не постојат никакви докази дека вакво нешто се случувало вон Фолксваген.