Како да изгубиш 34,5 милијарди долари за една година

Во април 2012-та Бразилецот Еике Батиста е еден од најбогатите луѓе на светот со 34,5 милијарди долари и план како да стане најбогатиот човек на светот. Од тогаш Батиста губи 99% од своето богатство.

Катастрофата на Батиста започнува летото 2012-та, кога тој, поточно OGX, губи по 1,6 милијарди долари месечно. Причината за ова е што нафтените полиња произведуваат далеку под очекуваното. На 26-ти јуни неговите нафтените платформи вадат околу 5.000 барели на ден или 75% под очекувањата. Во рок од 2 дена по ова, вредноста на акциите на OGX паѓа за 45%.

Работите стануваат бетер откако OGX ангажира една американска компанија која треба да ги анализира податоците на компанијата од работата на платформите. Заклучокот е дека нафтените извори на OGX во основа се празни.

Од јуни 2013-та Батиста веќе не е милијардер.

Инаку, Батиста доаѓа од семејство од средна класа, прво работи со посредување во откуп на дијаманти, за подоцна да се префрли на продажба на злато и на 24 години го прави својот прв милион.

Бизнисот го прави со домородците од Амазон, кои ги финансира да купат опрема за копање. За време на средба со еден од рударите, кој не му ги вратил позајмените пари, Батиста бил застрелан во грб.

Во работата со домородците тој прави огромен ќар од разлика во цена.

"Еике ќе отидеше во џунгла и ќе им покажеше на поглавиците 10 дена стар весник со цената на златото. Во меѓувреме цената пораснала и уште повеќе ќе порасне додека тој се врати во Рио. Тој им плаќаше во локална валута, чија вредност паѓа, а го продава за силна валута," пишува Age во профилот за Батиста.

Тој ја формира EBX во 1983-та, и под неа ги собрa сите свои компании: OGX (нафта), MPX (енергија), LLX (логистика), MMX (рударство), OSX (офшор индустрија), и CCX (ископување јаглен). "X" на крајот од секоја компанија означува множење, конкретно множење на капиталот.

Сега неговата империја EBX е на раб на пропаст, а оваа недела тој не можеше да исплати 47 милиони долари добивка на обврзниците од неговата компанија за нафта и гас (OGX). Ако не ги исплати парите до 30. октомври OGX ќе биде најголемиот корпоративен банкрот во историјата на Латинска Америка.

4 октомври 2013 - 12:14