"Она што остана загубено во циркусот околу настанот (ФИФА случаите) беше еден депресивен факт. Линд и нејзиниот претходник, изгледа заборавија на еден многу поголем престап: нечесното однесување на банкарите, трговците и директорите на Вол Стрит во годините што доведоа до финансиската криза од 2008-ма," пишува Вилијам Кохан во Атлантик.
Официјалните бројки се дека од 2009-та, 49 финансиски институции по најразлични основи за кризата имаат платено оштета од 190 милијарди долари. Цаката во оваа исплата е што парите доаѓаат од акционерите на овие финансиски институции, а не од самите банкари.
"(Спогодбите беа наметнати на корпорациите, не на конкретните вработени, и беа исплатени како корпоративни трошоци - а во некои случаи беа и основица за одбивање данок). Во 2014-та Џејми Димон, ЦЕО-то на ЈПМорган Чејс, постигна вонсудска спогодба со Департманот за правда. Неколку недели подоцна бордот на директори му даде покачување од 74%, со што неговата плата достигна 20 милиони долари," објаснува Кохан.
Во целата финансиска криза предизвикана од Вол Стрит, само еден банкар заврши во затвор за неговото учество во економскиот крах. За споредба во 80-те, по една слична финансиска криза со заеми и заштеди, над 1.000 Вол Стрит банкари завршија во затвор.
Едно објаснување е дека сите докази околу тоа како е настаната кризата, не покажуваат очигледно погрешно раководење на индивидуалци.
"Банкарите на Вол Стрит направиле да им биде дневна рутина да најдат начин како да го почитуваат словото на законот, додека во исто време го прекршуваат неговиот дух. И да нема сомневање, добар дел од однесувањето кое доведе до кризата опфаќаше невнимателност и лоши процени, а не измама," пишува Кохан.
САД поведе сериозна истрага околу лошите пракси на Вол Стрит кои доведоа до кризата. Меѓутоа таа започнува кон средината на 2012-та, речиси 5 години откако се случуваат најлошите постапки на банкарите. 5 години е рокот по кој истекува делото, и по кој Департманот за правда не може да ги гони банкарите. Единствена останата опција се граѓански парници против банки и поедини банкари, на кои рокот на застарување им е 10 години.