Од почетокот на 2014-та, цената на суровата нафта е падната за речиси 20%. Причина за падот е што моментално има премногу нафта:
- ОПЕК во септември го зголеми производството на нафта за 402 илјади барели на ден во однос на август (рекорд во последните 3 години).
- Либија го зголеми производството за 250.000 барели на ден.
- Ирак за 135 илјади барели.
- ИСИС контролира 11 нафтени полиња во Сирија и Ирак, и продава нафта на црно. Во Турција и Јордан цената на нивната нафта се движи од 25 до 60 долари за барел.
- Намалената побарувачка од атланскиот регион, заради ослабената економија, ја натера Саудиска Арабија да ја симне цената на нафтата.
Процените се дека премногу нафта има затоа што САД и Саудиска Арабија сакаат да ја смират Русија која зема голем залет заради високата цена на нафтата.
Опасноста за Русија е што 45% од буџетот на земјата се финансира со парите од извоз на енергија. По пресметките на Дојче Веле на Русија и треба цена на нафтата од околу 100 долари по барел за да има избалансиран буџет. Моментално цената е околу 85 долари по барел. Руските производители за сега се на безбедно благодарејќи на силниот долар во однос на рубљата. Тие нафтата ја продаваат во долари, а дома данок плаќаат во рубљи.
Секретарот на рускиот национален совет за безбедност, Николај Патрушев, во интервју изјави дека моментално ситуацијата во Русија потсетува на 80-те години кога САД предизвикаа пад на цената на нафтата за да го банкротираат Советскиот сојуз.
Друга теорија е дека со ниската цена САД и останатите големи производители се обидуваат да решат два проблема - Русија и Венецуела. Во анализата на Дојче Веле се пресметуваа дека на Венецуела за балансиран буџет и е потребна цена на нафтата од 162 долара по барел. Пресметките на Дојче Банк се дека цената на прекршување на буџетот за Саудиска Арабија е 99 долари, Русија и Оман 100 долари, Нигерија 126, а Бахреин 136 долари.
"Според мислењето на западните медиуми ова е праведна цена за анти-американската надворешна политика.
Затоа санкциите насочени против Русија и Иран сега се поткрепуваат и со ниски цени на нафтата. Од јуни црното злато поевтини за повеќе од 25%. А од почетокот на финансиската криза во 2008-ма, економијата се обновува само во Америка. Во другите држави, пред се европските, таа е во пад. Притоа САД продолжуваат да се утврдуваат на меѓународната сцена на сметка на другите. Ова посебно се однесува на владите кои се незгодни и нелојални кон Вашингтон. Русија и Иран, јасно се први на овој список.
На Иран делумно му успеа да го обнови извозот благодарејќи на отстапките во нуклеарната програма, меѓутоа падот на цената ја нивелираше секоја корист за Техеран. Сега САД го поттикнуваат Иран да учествува во коалицијата за борба против ИСИС. Според мислењето на експертите, со актуелната цена на нафтата иранските власти и нема да имаат голем избор - очигледно ќе мора да се согласат за да ја спасат својата економија. Од Русија се очекува промена на ставот околу клучни меѓународни проблеми - како кризата во Сирија и Украина. Во тоа име САД можат да ја намалат светската цена на нафтата до 60, па и 50 долари од барел," го пренесува Гласот на Русија текстот објавен од кинескиот весник Женмин Жибао.
Иако и Саудијците страдаат од ниските цени на нафтата, тие во изминатите години додека беше висока цената се проценува дека направиле залиха од околу 450 милијарди долари, па можат да го преживеат периодот.
Британски Телеграф се сомнева околу моќта на Саудијците, дека тие повеќе го немаат капацитетот од 80-те кога со спуштањето на цената на нафтата придонесоа за распадот на СССР, објаснувајќи дека сега тие имаат и сериозни внатрешни проблеми, па после Арапската пролет потрошија околу 130 милијарди долари на социјални програми за подобрување на животот на своите граѓани. Според Телеграф, Саудијците уште максимум 2 - 3 години можат да "издржат ваква игра."
На Американците пак им треба скапа нафтата затоа што вадењето нафта со фракинг се исплати само по високи цени.