Данска реши да ја замрзне својата економија

Хрбра и скапа одлука: данската држава го презема главниот товар на економската криза предизвикана од пандемијата. На приватните компании ќе им ги покрива платите на оние вработени кои би биле отпуштени. Пакетот нуди уште ред други кризни повластици, и за луѓе и за компании. Не скапа, прескапа е таа одлука, но Данците проценуваат дека сепак ќе биде поевтино сега да се спречи економијата да се распадне отколку после да се гради одново. 

„Данската идеја би можела да му помогне на светот да ја избегне огромната рецесија која следи,“ пишува Атлантик за навистина големиот потег кој неделава го повлече таа држава: за да се избегнат масовни отпуштања, владата им понуди на приватните компании погодени од пандемијата да им покрива 75% од платите на вработените.

Планот предвидува државата на овој начин за три месеци да „изеде“ 13% од годишниот БДП на земјата. Тоа се 287 милијарди дански круни (1 круна = 0,13 евра) а заради контекст, тоа би било еквивалентно САД да одвојат 2,5 трилиони долари за стимулации во рок од 13 недели. 

Дерек Томсон од Атлантик разговарал со данскиот професор по економија, Флеминг Ларсен, од универзитетот во Аалберг, за да се разјасни стратегијата на Данска:

Томсон: Данската влада обелодени многу агресивен план да им помогне на работниците во следните неколку месеци. За што се работи?

Ларсен: Данската влада се согласи да ги покрива трошоците за платите во приватните компании сè додека тие не отпуштаат луѓе. Ако компанијата процени дека треба да ги намали вработените за 30% или да отпушти најмалку 50 луѓе, државата се согласи да покрива 75% од нивните плати, со плафон до 3,288 долари месечно по човек (тоа ќе ја задржи просечната заработка на вработените до 52.400 долари годишно).

Филозофијата е во тоа што владата сака компаниите да ги задржат односите со своите вработени бидејќи ќе биде потешко ако треба отпосле сето тоа одново да се составува. Планот ќе трае три месеци, период во кој се очекува состојбата да се нормализира. 

Томсон: Значи владата нуди да ги преземе платите на вработените чии места се загрозени. Нели тоа компаниите можат да го злоупотребат и во секој случај да бараат пари од државата?

Ларсен: Можеби, но работниците кои се компензираат немаат право да работат во тој период. А за работниците кои на компанијата ѝ требаат не се дава 75%.

Томсон: Мислам дека разбирам и ќе се обидам да сумирам па кажете ми дали грешам: Данска ја става својата економија во длабок фрижидер три месеци. Вие велите: знаеме дека сите тие луѓе нема да можат да работат во наредниот период и тоа е неизбежно. Но, наместо транша по транша отпуштања кои би го одложиле подоцнежното опоравување, ајде цела економија да ја замрзнеме а кога вирусот ќе замине, вработените и компаниите ќе бидат комплет подготвени да продолжат со полна пареа.

Ларсен: Токму така. Ја замрзнуваме економијата, бидејќи во спротивно се стравува од долгорочни последици по неа и по целиот систем. Се надеваме дека сето ова ќе биде готово за три или четири месеци и потоа можеме брзо да го стартуваме целото општество.

Томсон: Што друго предлага данската влада?

Ларсен: Неколку работи. За да се спречи колапс на финансискиот сектор, државата ќе гарантира 70% од новите банкарски заеми за компаниите. Правилата за задржување на бенефициите од статусот невработен се укинати (не се бара луѓето да бараат работа односно да исполнат квота на интервјуа на кои биле). Државата ќе компензира дел од фиксните трошоци на компаниите како кирии и обврски од склучени договори. во зависност од загубата: ако компанија продавала еден милион долари во некој период а сега продава 100.000 долари, се квалификува да бара од државата да добие голема државна помош за покривање на трошоците.    

Томсон: Како ваквиот одговор стои во однос на оној кој Данска го имаше за време на финансиската криза од 2008?

Ларсен: Тогаш немавме ништо од ваков размер. Тогаш владата беше загрижена за јавниот долг и имавме големо покачување на невработеноста.

Денес данската економија е многу силна. Имаме огромен суфицит, имаме негативна каматна стапка, имаме многу јавни заштеди. Затоа имаме простор за вакво нешто. А и политичката клима се има сменето. Последниве години многу инвестираме во добросостојбата на граѓаните.

23 март 2020 - 12:31