Севкупно, очекувањата се дека во САД продажбата за празнициве ќе скокне, меѓутоа најголемиот дел од тоа ќе отпадне на он-лајн продажбата, и нема ни приближно да им ги закрпи раните на физичките продавници кои цела година „крварат“ пари.
Бројките од Црниот петок се дека продавниците имаат изгубено околу 50% од муштериите во однос на претходната година, и тоа во најголем дел се постарите купувачи кои ги избегнуваат трговските центри заради опасноста од ковид-19.
Организациите кои ги претставуваат физичките продавници вадат бројки кои покажуваат разлики на статистиките во зависност од тоа колку локалните власти успеале да се справат со пандемијата и колку во моментот го забрануваат движењето на граѓаните.
„Во областите каде што нема забрана за движење, имаме муштерии во прилично робусни бројки споредено со останатите држави.
На луѓето им е смачено да дремат дома и сакаат да излезат,“ изјавува првиот човек на ЈЛЛ, која управува со повеќе од 700 локации, Грег Малонеј.
Позитивната вест е што оние кои влегле во продавница за Црн петок било поверојатно да купат нешто, па во оваа категорија има 4% раст од пред една година, додека вредноста на просечната трансакција пораснала за 5,9%.
Сепак на крај физичките продавници го завршија денот со 30% пад на приходите.
Тие сега се надеваат дека следниот месец ќе се зголеми обртот на муштерии, заради стравот на купувачите дали празничните он-лајн нарачки би им стигнале на време.
Од друга страна статистиките покажуваат дека има 22% раст на бројот на луѓе кои прв пат во живот купуваат нешто он-лајн. Очекувањата се дека, по бледиот Црн петок ќе следува рекорден Сајбер понеделник со потрошувачка меѓу 10,8 и 12,7 милијарди долари.