Безос, Закерберг и Маск годинава имаат заработено 115 милијарди долари

Годинава моментално е на неколку денови пред почеток на август.

Деновиве најголемите богаташи од технолошката индустрија ќе треба да ги бранат своите компании на сослушување пред американскиот Конгрес. Обвинението од кое ќе треба да се бранат е дека тие станале монополи, што им овозможува да остваруваат незамисливи приходи.

„Непоимливата акумулација на пари која е во тек во технолошкиот сектор нема преседан според брзината и обемот. Ниту една друга група на сопственици немала просперитет од таков обем.

Всушност, најбогатите луѓе на светот стануваат уште побогати, уште побрзо, како што коронавирусот ја затна глобалната економија и онлајн активноста е се поголема,“ порачуваат од Блумберг.

Вкупното богатство на технолошките милијардери на индексот на Блумберг на 500 најбогати во светот е зголемено речиси за два пати од 2016, од 751 милијарда, на 1.400 милијарди во 2020.

Седум од актуелните десет најбогати луѓе на светот најголемиот дел од своето богатство го вадат од технолошката индустрија. Според една друга математика од топ 10-те најбогати луѓе, само двајцата не-технолошки милијардери годинава имале загуба (Елон Маск официјално се води како дел од авто-индустријата, и иако е длабоко зацапан во технолошката индустрија, продажбата на автомобили му се смета како главен извор на пари).

На сослушувањето освен Безос ќе присуствуваат и Закерберг, Тим Кук и Сундар Пичаи.

Безос годинава е во плус 63,6 милијарди долари, Закерберг 9,1 милијарда, Елон Маск 42,1 милијарда.

За споредба: во златното доба од почетокот на 1900-те, 5-те најголеми индустриски богаташи имале заедничка пазарна вредност од нешто помалку од 6% од вкупната економија на САД. Денес петте најголеми технолошки компании (Епл, Амазон, Алфабет, Фејсбук и Микрософт) имаат пазарна вредност еднаква на 30% од БДП-то на САД. Ова е речиси два пати повеќе од крајот на 2018.

29 јули 2020 - 13:32