Фајненшл тајмс пренесува истражување спроведено од 36 активистички организации низ цел свет, кое покажува дека најголемите светски банки минатата година го зголемиле своето финансирање на „екстремни фосилни горива“ за 11%. За проекти како „фракинг“, копање на Арктикот, вадење нафта од екстремни длабочини, копање јаглен, мината година банките издвоиле 115 милијарди долари.
Три водечки банки во оваа област се канадската Ројал банк, Торонто доминион и ЈПМорган Чејс. Севкупно американските и канадските банки го зголемиле финансирањето во оваа област, додека европските, кинеските, австралиските и јапонските го намалиле.
„Општествениот однос на експлоатација и приватизација на производите на трудот, познат и како капитал, не препознава граници, националност, ниту нашиот апел да бидеме поштедени. И климатските промени се општествен однос, а не само фактичка последица на нашата организација на општеството.
Капиталот може да се размножува и во зелената економија, па од таму интересот на ЈПМорган Чејс и понатаму да и штети на планетава треба да се бара во правилата за остварување профит: повеќе, побрзо, пократко,“ пишува Билтен.