Во својот преглед на политиката ББЦ наведува дека на повеќето од нејзините локации постојат тоалети за „мешан пол“. Ако тоа им пречи на вработените, може да побараат да работат од дома како привремено решение. Ќе можат да се вратат во канцелариите кога владата ќе испрати специјална препорака до корпорацијата за примена на прецизната дефиниција на Законот за еднаквост, согласно одлуката на Врховниот суд од април годинава.
Секој случај ќе се разгледа врз основа на изнесените факти и ќе се истражи со релевантно лице, наведува ББЦ.
Врховниот суд на Обединетото Кралство пресуди дека трансродовите жени, во правна смисла не се жени бидејќи легалната дефиниција на жена е базирана на биолошкиот пол, а не на стекнатиот род. Согласно ова толкување, трансродовите лица повеќе нема да може да се жалат дека неправедно им се одземени правата да користат тоалети и соблекувални за жени. Веднаш по одлуката владата на Кир Стармер ги повика сите јавни претпријатија „што е можно побрзо“ да се прилагодат на промените.
Отпорот да се спроведе пресудата од Врховниот суд значи дека и трансродовите вработени и женскиот персонал во ББЦ можат да побараат да работат од дома за да избегнат нарушување на приватноста на работното место. Тоа овозможува масовно заобиколување на препораката по крајот на пандемијата сите вработени да се вратат во канцелариите.
Претходна анализа на „Телеграф“ откри култура на флексибилно работење во ББЦ, при што само 5% од вработените доаѓаат во канцеларија со полно работно време. Ова е дел од поширок тренд, поради кој Британија беше прогласена за „европска престолнина на работа од дома“.
Оние што плаќаат радиодифузна такса не може да финансираат култура на останување дома. ББЦ треба да поставува стандарди и вредност, а не да ги намалува, изјави Најџел Хадлстон, државен секретар во сенка за култура, медиуми и спорт.
******
Види и: Британскиот Врховен суд пресече: Трансродовите жени не се жени