Победа на биологијата

Британскиот Врховен суд пресече: Трансродовите жени не се жени

Врховниот суд на Обединетото Кралство пресуди дека транс-родовите жени, во правна смисла не се жени бидејќи легалната дефиниција на жена е базирана на биолошкиот пол а не на стекнатиот род. Tрансродовите лица повеќе нема да може да се жалат дека неправедно им се одземени правата да користат тоалети и соблекувални за жени.

Одлуката, образложена на 88 страници, била донесена едногласно, но судот побара таа да не се толкува триумфално од која било страна и потсети дека дека законите сè уште ги штитат трансродовите лица од дискриминација. Пресудата, сепак, беше пречекана со овации и прослава. 

Процесот против шкотската регионална влада го отвори групата За жените на Шкотска, која побара толкување дали со дефиницијата за жени во Законот за еднаквост од 2010 година се опфатени и „трансродовите лица со сертификати за женски пол“.

Групата, делумно финансирана и од писателката Џ.К. Роулинг, бара лицата што самите се идентификуваат како жени, иако не се, да немаатпристап до услуги и простори резервирани за жени. Шкотската влада, поддржана од групите за права на трансродови лица, тврдеше дека сертификатот е доволен доказ.

Објавувајќи ја пресудата, првиот човек на Врхвниот суд, лордот Хоџ рече судот е едногласен дека термините „жена“ и „пол“ во Законот за еднаквост од 2010 година се однесуваат на биолошкиот пол, а не на стекнатиот род.

По пресудата, ториевците побараа од лабуристичката влада итно да ги признаат и да ги почитуваат основните права на жените што произлегуваат од нивниот пол и да ги сменат владините препораки.

Ова е јасна победа на здравиот разум. Не требаше некој случај да стаса до суд за да се докаже биолошка дефиниција за жена, изјави Мимс Дејви од Конзервативната партија.

16 април 2025 - 11:48