Партијата за правда и развој, АКП, не само што не освои поголема застапеност во парламентот туку го изгуби и мнозинството што дотогаш го имаше. Тие пак се најбројна партија, ама сега со 41% од гласовите. Во 2011-та имаа 49%.
Втор пораз беше скокот на Народната демократска партија, ХДП, која за прв пат во историјата успеа да ја надмине границата од 10% и да добие места во Парламентот. Ова е посебно голем успех ако се има предвид дека станува збор за либерална партија чии традиционални гласачи се Курди и на избориве преку неа во турскиот парламент за прв пат ќе има парламентарци Курди.
Комбинацијата на овие две работи доведува до главниот проблем за Ердоган: ова значи дека се мртви неговите надежи за преформатирање на владеачкиот систем на Турција да наликува на претседателскиот систем на САД, каде Претседателот ја има најголемата извршна власт.
Моментално претседателската позиција во Турција е чисто церемонијална, иако нема сомнеж дека Ердоган и понатаму ја држи власта во земјата.
"Иако Ердоган е најпопуларниот и најмоќниот турски политичар во последниве децении, неговата алчност за ширење на својата присутност им стана одбивна на гласачите, посебно на урбаните и секуларните. Тој започна проект за палата од 615 милиони долари, затвораше и им се закануваше на новинари и на политички противници, се обиде да го блокира ЈуТјуб и Твитер, имаше кавга за Фејтула Ѓулен, религиозниот лидер кој на големо помогна во подемот на Ердоган. Гневот се истури на улиците на Истанбул и на другите места во 2013-та, по протестите околу обидот еден парк да се претвори во трговски центар. Во меѓувреме економијата беше на резерва," пишува Дејвид Грем за Атлантик.