Истрага на владиниот директорат покажа дека пожарите поврзани со електроенергетската мрежа се одговорни за околу 75% од изгорената шумска површина во Грција оваа година. Првичните наоди покажале дека двата најголеми пожари - еден во западна Атика и еден на островот Крит - во кои загинаа четири лица и изгореа 14.500 хектари шума биле поврзани со електричната мрежа.
Од десетте големи пожари во кои беа уништени 55% од вкупната опожарена површина во 2025 година, шест биле предизвикани од електричната мрежа“, изјави Илијас Циритис, координатор во грчката филијала на Светскиот фонд за природа (WWF).
Лабави или спуштени далноводи, вегетација што доаѓа во допир со каблите, таложење прашина на опремата за пренос и други слични дефекти можат да предизвикаат искри. Ризикот се зголемува за време на силни ветрови и периоди на голема побарувачка на електрична енергија, кога застарената инфраструктура е под поголем притисок.
По пожарот на Крит, властите уапсија двајца раководители за управување и одржување на мрежата на HEDNO, кои подоцна беа ослободени. Во Виотија, каде што пожар од крајот на јули се прошири кон западна Атика, истражителите се сомневаат дека искрите потекнувале од опрема на приватна ветерница. Минатата недела во притвор беа задржани еден локален градоначалник, изведувач и сопственик на компанија.
Бројот на судски предмети поврзани со пожари предизвикани од електричната мрежа се зголеми од 369 на 681 во 2024 година. Министерот за енергетика Ставрос Папаставру изјави дека владата планира да ги заостри правилата што се однесуваат на приватните енергетски проекти. Сепак, експертите предупредуваат дека фокусирањето на приватните оператори може да го замагли поширокиот проблем со застарената јавна електрична мрежа.
Голем дел од грчката електрична мрежа е поставен пред неколку децении и се протега преку далноводи, низ шуми подложни на пожари и рурални области кои сè повеќе се празнат од население. Во 1960-тите години, земјата се одлучила за надземна мрежа како поевтин начин за ширење на електричната енергија низ државата, додека долготрајната финансиска криза што започна во 2009 година дополнително ги ограничи инвестициите во системот.
Критичарите велат дека Грција премногу бавно поставува дистрибутивните водови под земја и не ја прилагодува мрежата кон сè поекстремните услови за појава на пожари.
Владата моментално користи средства од Фондот на ЕУ за закрепнување и отпорност за финансирање на поставувањето кабли под земја. Уделот на дистрибутивната мрежа што се наоѓа под земја е зголемен на околу 14%, во споредба со 9% во 2021 година.
Вкопувањето под земја на целата мрежа за среден напон, долга 120.000 километри, би чинело околу 35 милијарди евра. Поради тоа владата мора да се фокусира на областите што се изложени на најголем ризик, изјави Александра Сдуку, портпарол на владејачката Нова демократија.
******
Види и: Пожарите во Франција не се од климатските промени туку од пиромани