"Аи Веивеи на Кикладите" e насловот на изложбата во атинскиот археолошки музеј посветен на уметноста на Кикладите, на која се изложени солзавци од македонската полиција, заедно со лакримариумите, стари садови кои се користеле за собирање солзи.
Во перидотот на изложбата која ќе трае до октомври, пред музејот се знамиња со златна и сребрена боја кои ги симболизираат хуманитарните ќебиња кои им беа давани на бегалците кои пристигнуваа во Грција а на едно од знамињата го има и малиот Ајлан, детето кое водата го исфрли на турскиот брег кај Бодрум.
Ова не е прво зафаќање на кинескиот уметник и егзибиционист со жалната судбина на Ајлан. Сликајќи се за еден индиски магазин, Веивеи претходно реши да ја "реконструира" сцената, фотографирајќи се закопан со лицето во песокот на грчкиот остров Лезбос.
Многумина тоа го оценија како лош вкус, но уметникот не го беше исцрпел таквиот свој талент па неодамна на евтин но овојпат патетичен начин повторно ја искористи драмата на бегалците носејќи им пијано да посвират во калта.