Сите овие години транзиција и што сè не, Гица е добар пријател на романските политичари, а посебно со поранешниот премиер Виктор Понтa.
Ваквата позиција на Гица драматично се менува последниве години, и тој станува државен непријател број еден. Откако сфаќа дека нема веќе другари, тој кон крајот на 2016 решава да пребегне во Србија. Изборот на земја се базира на многубројните бизниси и пријатели што тој ги има во Србија.
Според Политика тој во Белград има купено куќа, а неговите компании наводно и го имаат продадено на Србија ИТ системот за контрола на државните граници со помош на дронови.
Неговата информатичка кариера почнува во годините по Чаушеску, кога неговата компанија успева да се наметне како главен снабдувач со софтвер на министерствата за одбрана, внатрешни работи и информации. Меѓу неговите поважни клиенти е и СРИ, романската разузнавачка служба.
Тој речиси постигнува монопол на државните тендери на тема информатика, а до 2009 неговото богатство прв пат достигнува 100 милиони евра.
Освен пари, овие договори го носат во "друштво" на раководството на разузнавачките служби на Романија. Во политиката освен што е пријател со поранешниот премиер, тој е и пратеник и член на парламентарната комисија за контрола на работата на разузнавачките служби (кои работат на негов софтвер).
Во 2014 со падот на романскиот претседател Трајан Басеску, почнува да се распаѓа и "друштвото" на Гица. Едните застануваат зад она што Басеску го нарекува "мафијашка држава", а другите се обидуваат да го срушат ова. Кај овие другиве се приклучува и Гица.
Преку ноќ тој станува мета на Националната управа за борба против корупцијата, и против него се покренати пет кривични постапки започнати од неговата поранешна пријателка, главната обвинителка за корупција, Лаура Кодруца Кавеши. Обвиненијата се: уцена, мито, вршење притисок, перење пари и издавање доверливи информации.
19 декември е последниот ден од пратеничкиот имунитет на Гица, кој цело ова време е под надзор на полицијата. Дента тој се појавува на вечерата на романската разузнавачка служба, од таму оди до својата телевизија, по што полицијата го губи секој негов траг.
И покрај тоа што со седум видео пораки преку својата телевизија и се обрати на јавноста, неговата локација не беше позната.
Во пораките тој објави повеќе компромитирачки податоци за работењето на првите луѓе на романското разузнавање, Управата за борба против корупција и самата Кавеши. Ова доведе и до отпуштање на оперативниот директор на СРИ, инаку генерал по чин.
Гица во Србија е уапсен по потерница на Интерпол.