Десетици тони секакво ѓубре во два наврата го преплавија старото градско пристаниште во Дубровник и делови од брегот во близина. Можеби најдобра симболика поврзана со наслвото е еден предмет насукан во близина на плажата Бање: противбродска мина од 800 килограми.
Сликата се повторува секоја година - во текот на зимските месеци, особено кога дува посилно југо, на хрватските острови и на брегот, морето редовно исфрла големи количини ѓубре. Пред неколку дена, тоа се случи и во Дубровник.
Сцените на надојдено ѓубре на јадранскиот брег воопшто не се ретки во поладните периоди од годината. Интензивната циркулација на посилни ветрови и морските струи неизбежно ги собира отпадоците ширум морето и потоа ги движи кон копното, пишува Дојче веле.
Неочекуваниот експонат од Втората светска војна итно и успешно беше деактивиран, но чистењето на другите остатоци сè уште е во тек. Во акцијата се вклучија и граѓаните, особено сопствениците на бродови на кои им се закануваше оштетување од поголемите пловечки објекти.
Владо Онофри од Институтот за море и крајбрежје при универзитетот во Дубровник вели дека 80 отсто од овој пластичен отпад доаѓа од Албанија. Морето го носи кон јужна Далмација, кон нејзиниот брег и островите. Тие се првите во Јадранското Море каде што навлегуваат струите кои прво циркулираат по должината на брегот на југоистокот на земјата, вклучително и Хрватска, а потоа покрај италијанскиот брег се враќаат назад кон Отранската врата.
„Најголемиот дел од таа маса го сочинуваат гранки, но проблемот е во пластичната амбалажа која го загрозува морскиот свет, а индиректно и луѓето“, вели Раде Гариќ, научен соработник на Институтот.
Тој објаснува дека станува збор за постојана опасност за која стануваме свесни само кога ѓубрето „ги посетува“ урбанизираните делови на брегот. Но, апсолутно најопасно е бавното разградување, односно фрагментацијата на предметите до честички, тн. микропластика. Тие завршуваат во планктоните и во рибите, а сè уште се испитуваат последиците од нивното понатамошно распаѓање, како и влијанието врз луѓето.
„Што се однесува до потеклото на поголемиот дел од пластиката, се знае дека ова ѓубре доаѓа од Албанија, што го покажуваат и натписите на пакувањето. Се собира во речните долини од дивите депонии, од каде што со помош на дождовите се влева прво реките, а потоа во морето. Потоа струите и југото го насочуваат кон брегот. Проблемот, според тоа, е тешко да се реши доколку не се дејствува таму каде што се создава", вели Гариќ, додавајќи дека последната „пратка“ донела и слатководни желки. Живи, но во состојба на зимска хибернација, исто како што отпловиле од копнените води. Институтот ќе ги згрижи до пролет, а потоа контролирано ќе бидат пуштени во природата.