Намерата е во недела да се прави „протестна скара“ во близина на бегалскиот камп во Диавата (поранешно Додулари), оддалечен неколку километри од Солун. Организацијата е на групата Обединета Македонија (хм!), а присутните ќе јадат свинско и ќе пијат алкохол „во знак на протест против растечкиот број мигранти во Грција“.
Нормално, бегалците во кампот се муслимани, па заради тоа таков е изборот на „казна“ од организаторите.
Иницијативата го вознемири и грчкиот парламент каде веќе се разговараше околу целата работа, и скарата беше наречена „срам“ и „провокација на луѓе со различни верувања“. Грчката левица повика организаторите да одговараат за „овој нов тип на политичко и криминално однесување“.
Од друга страна, десна, грчките политичари реплицираа дека граѓаните од други држави не треба да им диктираат на Грците како да живеат и дека забраната на правењето скара ќе значи ограничување на правата на грчките граѓани.
Годинава до октомври во Грција влегоа 55.000 мигранти од Турција. За целата 2018, влегоа вкупно 50.500 мигранти.