Од почетокот на кризата, цените на вилите и апартманите на грчките острови паднаа за околу 30% и сега некои од најпосакуваните локации (на пример, на брегот на Родос) можат да се купат за 1,700 евра квадрат. За споредба, во Скопје, квадрат е околу 1.400 евра.
"Можеш да купиш куќа од 100 квадрати, на добра локација, за 130.000 евра. Некои куќи дури се и на 50% од вредноста што ја имаа пред кризата и уште не можат да се продадат," објаснува Георг Петрас, агент за недвижности на германската компанија Енгел и Вокерс.
Според националната банка на Грција, во 2011-та имало 60% помала продажба на недвижности отколку во 2008-ма.
Причина за падот на цените е што и богатите Грци своите пари преферираат да ги инвестираат во швајцарски и германски недвижности, надевајќи се дека така ќе ги избегнат грчките даночници.
Грција моментално нуди најевтино земјиште на Медитеранот.
"Можеш да купиш плац со поглед на море за 30.000 евра. На него можеш да изградиш викендица од 80 квадрати и да ја продадеш за 95.000 евра. Пазарот во Франција и Италија, не може да се натпреварува со оваа цена," објаснуваат од германската градежна компанија G.I.S. Global Immobilien Service, која 14 години гради хотели во Грција.
Главен проблем што ги пишмани Швајцарците, Австријците и Германците од купување куќа на Егејско, е нестабилноста на Грција и можноста за нејзино излегување од ЕУ, што подоцна може да ја девалвира вредноста на купениот имот.
Втор и уште поголем логистички проблем е лошото функционирање на грчкиот катастар, па секое купување на имот во Грција значи и неколку месечно барање на имотни листови и можни сопственици. Овој проблем Грците планираат да го решат до 2020-та.