Апу не го даваме

Симпсонови по сето ругање што му го приредија на секој слој на американското општество, на крај во големото културолошко освестување на земјата (кенкање уздуж и попреко) заглавија на ликот на Апу, затоа што еден американски комичар со индиско потекло се чувствуваше навреден што белец го позајмува гласот на индискиот лик.

Добродојде од Симпсонови за Дизни

Откако рајата спремна на линч (по нивно праведнички, за разлика од сите други во историјата) тргна да види колку и што може да уништи од Симпсонови, авторите на серијата имаа да бираат меѓу: Хенк Азарија повеќе да не го синхронизира Апу, или ликот комплетно да го укинат.

Во време кога глобални ѕвезди ги јадеше мрак по какви не основи, Азарија инстантно се откажа од понатамошна поврзаност со Апу, меѓутоа останува во Симпсонови бидејќи тој е зад голем број ликови од серијата: Мо, началникот Вигам, дебелиот со стриповите, научникот Фринк, таткото на Милхаус и уште десетици други помали ликови од серијата.

Викендов, Мет Гроенинг, за време на Симпсонови панелот на Дизни конвенцијата (како дел од Фокс и Симпсонови сега се под Дизни) изјави дека Апу (презиме: Нахасапимапетилон) останува во шоуто, порачувајќи: „Да, го сакаме Апу и горди сме на Апу,“ меѓутоа не откри какво ќе биде решението за вработениот на Квик-И март.

Годинешната ќе биде 30-та сезона на Симпсонови.

Панелот за Симпсонови започна со монтажа од сите шеги поврзани со Дизни што ги направиле изминативе 29 години.

27 август 2019 - 10:05